„Нема ништо посебно за мене. Оној што сака да знае нешто за мене, треба внимателно да ги погледне моите слики“ – Густав Климт

0

Еден од најпознатите сликари во светот чии слики се сметаат за ремек-дела – Густав Климт, австриски сликар од симболизмот и еден од најпроминентните членови на движењето на Виенската сецесија.

Климт е познат по своите слики, мурали, скици и други уметнички дела. Основниот објект на Климт е женското тело, а во неговите дела се забележува директен еротицизам.

„Сите уметности се еротски.“ – Густав Климт

Густав Климт е роден во Баумгартен, во близината на Виена во Австро-Унгарија, второ од седумте деца, три машки и четири девојчиња. Живеел во сиромаштија додека студирал на Виенската школа за уметности и занаети, каде што изучувал архитектонско сликање до 1883. Тој лесно ги прифатил принципите на конзервативното обучување, па неговите рани дела може да се класифицираат како академски.

Во раните деведесетти на 19 век, Климт ја запознал Емили Луиз Флоге која и покрај врските на уметникот со други жени, требала да биле негов доживотен сопатник. Дали неговата врска со Флоге била сексуална или не, е често дебатирано, но фактот е дека во тој период Климт имал најмалку 14 деца.

Климт ја започнал својата професионална кариера со сликање внатрешни мурали и тавани на огромни јавни згради на улицата Ringstraße , вклучувајќи ја и успешната серија на „Алегории и амблеми“ (Allegorien und Embleme).

„Можам да сликам и да цртам. Верувам дека ова е вистина и неколку други луѓе го велат истото. Но, не сум сигурен колку има вистина во тоа.“ 

Во 1888 г. Климт добил златен орден за заслуга од императорот Франц Јосиф I од Австрија, за неговите придонеси во муралите насликани во Бург театарот (das Burgtheater) во Виена. Тој исто така станал почесен член на Универзитетот во Минхен (Universität München /LMU) и Универзитетот во Виена (Die Universität Wien).

„Уметноста е линијата што ги обликува вашите мисли“

Во 1892 г. умреле и братот Ернст, и таткото на Климт, по што тој требало да е финансиски одговорен за семејствата и на брат му, и татко му. Трагедиите влијаеле на неговата уметничка визија па тој започнал да се стреми кон свој нов личен стил.

Една од најзначајните е “Златната фаза” на Климт, обележана со позитивна критичка реакција и успех. Многу од неговите слики од овој период содржат златни листови.
Истакнатата употреба на злато може прво да се забележи кај „ Атина Палада“ (Pallas Athene, 1898) и „Јудит I“( Judith I, 1901), иако попопуларните дела поврзани со овој период се „Портретот на Адел Блох-Бауер I“ (Adele Bloch-Bauer I ,1907) и „Бакнежот “(der Kuss, 1907-1908).

Климт не патувал многу, но патувањата до Венеција и Равена, и двата града познати по прекрасните мозаици, најверојатно ја инспирирале неговата златна техника и византиската визуелизација.

Во 1904 година, тој соработувал со други уметници на раскошната „Palais Stoclet“, домот на богат белгиски индустријалец, која била еден од најзначајните споменици на ерата на Арт Нуво(Art Nouveau). Придонесот на Климт за трпезаријата на палатата, вклучувајќи ги и „Исполнување“(Erfüllung) и „Очекување“(Erwartung), биле едни од неговите најдобри декоративни дела, и како што и самиот јавно изјавил: „Можеби и крајната фаза на мојот развој на орнамент“.

Помеѓу 1907 и 1909 г. Климт насликал 5 слики на жени завиткани во крзно. Неговата очигледна љубов кон костимите е изразена и во многуте фотографии на кои Флоге позира во алишта кои тој ги дизајнирал.

„Дури и кога морам да напишам едноставно писмо, се плашам како да се соочувам со морничава болест.“

Додека работел и одмарал дома, Климт обично носел сандали и долга наметка без долна облека. Неговиот едноставен живот бил помалку изолиран, живеејќи посветен на своето творештво и фамилија и скоро ништо друго освен движењето на сецесијата.

Ја избегнувал кафе културата и социјализирањето со други уметници. Славата на Климт обично ги носела покровителите до неговата врата така што тој можел да си дозволи да биде пребирлив. Неговиот метод на работа бил со конкретна цел, на моменти макотрпен и барал долги позирања од неговите модели.
Климт скоро воопшто и не пишувал за неговата визија и методи. Најчесто испраќал разгледници до Флоге и не пишувал дневник.

Во еден од ретките записи наречен „ Коментар за непостоечки автопортрет“ тој вели :„Никогаш не сум насликал автопортрет. Помалку сум заинтересиран за себе како предмет на сликање, од други луѓе, особено жени…Нема ништо посебно за мене. Јас сум сликар кој слика ден по ден, од утро до мрак…..Оној што сака да знае нешто за мене…. треба внимателно да ги погледне моите слики“.

Во 1901 г. Херман Бар напишал во својот „Говор за Климт“( Rede für Klimt ): „Само љубовник може на човек да му открие што значи животот за него и да го развие неговото најсуштинско значење. Јас го чувствувам истото за овие слики. “

Делата на Климт добиле едни од највисоките награди забележани за индивидуални уметнички дела.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.