Неколку знаци дека имате лажен пријател покрај вас

0

Животот нè носи на интересни патувања и прекрасните пријатели кои ги имаме покрај себе на долгиот пат, го прават животот прекрасен и во лошите денови.

Вистинските пријатели се присутни и кога не ви се реално потребни. Тие се тука, да ве насмеат, поддржат и едноставно да уживаат во тишината заедно со вас. Тие ќе ви кажат „Немој да го правиш тоа.“ затоа што сакаат да ве заштитат и се грижат за вас, а не затоа што сакаат да се почувствувате лошо со вашиот избор. И покрај тоа, секогаш ќе ве поддржат, што и да одлучите.

Како да препознаете дека покрај вас имате ”лажен” пријател?

1. Се јавува само кога му треба или кога сака нешто

Го снемува на периоди, но кога ќе се појави секогаш има некое барање позади неодоливиот шарм. Тешко е да го одбиете, иако можеби потсвесно знаете дека тој не би го направил истото за вас.

Не дека не го цени тоа што сте му помогнале, ќе најде начин и да ви се заблагодари соодветно, но никогаш нема да ви се јави за едноставно да ве праша како сте.

2. Знае да направи да се почувствувате лошо

Дава беспотребни коментари дека нешто сте направиле погрешно или дека немате познавање од некоја општа тема. Ви потенцира дека сте се поправиле со суптилна и речиси неприметлива насмевка на лицето. Има често потреба да истакне дека неговиот живот е подобар од вашиот.

Овие нешта обично потекнуваат од нивно, сопствено незадоволство, неостварена желба, завист. Вистинскиот пријател отворено би разговарал со вас за своите проблеми, наместо да ги проектира во вашиот однос.

3. Вие сте негов ”психолог”

Знаете, оној пријател кој не зборува ништо повеќе од само негативните нешта во неговиот живот? Целиот свет се врти околу него и тој секогаш е незадоволен и разочаран. Постојано се зборува за него и само него, се однесува како да не му е драго за туѓите постигнувања.

4. Не прифаќа критика

Ако му кажете на пријателот дека рекол или направил нешто што ве повредило, тој веројатно би се извинил и би се обидел да не ја повтори грешката. Ако истото го кажете на ”лажен” пријател, тој веројатно ќе возврати, ќе ве нападне и ќе ја префрли вината на вас. Истото би се случило и ако го критикувате дека постапил погрешно за нешто друго.

Кога некој навистина се грижи за вас, ќе се обиде да се стави и на ваше место, да ве разбере подобро. Ќе се чувствува виновно ако се повредите од неговите зборови или дела и ќе направи се што може за да се искупи.

5. Се чувствувате претпазливо во негова близина

Не се чувствувате свои и природни кога сте во близина на овој пријател. Знаете дека ако на некоја тема не се согласите со него, може да дојде до конфликт или да бидете осудени поради нешто што сте направиле.

Кога некој вистински ве сака, ќе ви биде поддршка и во ситуации кога не се согласува со вас. Кога имате различни ставови, ќе се воодушевува на различните перцепции што луѓето ги имаат, наместо да се расправа со вас зошто го гледате светот поинаку од него.

6. Ловец на информации

Постојат луѓе кои ќе се обидат да ви се приближат само за да извлечат некоја ”сочна” информација. Навидум ќе изгледа дека се поврзувате и зближувате и неговите намери не ви се видливи. Но, постојат знаци кои укажуваат на овој тип ”лажен” пријател.

Обично, првите знаци кои може да ги забележите се премногу интимните прашања кои директно ви ги поставува, за релативно краток период од вашето познавање.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.