Некогашната убавица – Битолската чаршија

0

„Ако одам во Битола

Ќе прошетам по Широк Сокак

А на Дембел чаршија

Кафе ќе се напијам

Младост мило ќе си спомињам…“

А како поинаку би започнале кога станува збор за најопеаниот град на Балканот… Денеска, ве носиме на една пријатна и топла прошетка низ Битолската Чаршија, ве враќаме векови наназад за да ви потврдиме дека секоја порта, секој ѕид, секое камче во Старата Битолска Чаршија чуваат многу тајни.

Многу одамна, Чаршијата била срцето на градот. Таму се собирале луѓето, таму се јадели и пиело, таму се живот живеел.

e9740823-3c74-45db-9de7-a349b307a074

Битолската чаршија е оформена уште во XV век, а, својот најголем процвет го доживува во XIX век кога е најголема и кога се простира од Дрвен пазар (неколку станбени блокови западно од Саат-кулата), па сè до Ат пазар.

Битолската Чаршија била економски центар не само во рамките на поширокото подрачје на градот, туку и за цела Западна Македонија, поголем дел од Албанија, па и Епир, а низ неа поминувале главните трговски патишта за Солун, Драч, Скадар, Призрен и Скопје. Нејзините трговци тргувале по море со Италија, Трст, Венеција, Скадар, Цариград, Александрија, но и со Виена, Влашко, Лајпциг, Берлин, Марсеј итн.

4e156c42-3ac5-4bb7-a82a-8aa33893a296

Знаевте ли дека токму во Битола, во Чаршијата, во  1434 година е изградена Атик џамија ( Сункур Чауш ) во Битола, која била прва џамија на Балканот.

И додека Македонија била под османлиска власт, Чаршијата ги живее своите пет минути. Кон крајот на XVI и во текот на XVII век Битола е веќе значаен економски, воен, административен и културен центар на Румелија – европскиот дел на Турција. Занаетчиите се сега слободни граѓани, а не зависни како во претходниот период, односно во средновековните градови. Тие се организирани во занаетчиски здруженија – еснафи, адекватни на западноевропските сметки. Кај нас, поделбата на занаетчиите по вероисповест во рамките на еден ист еснаф, предвидуваше постоење на засебен устабашија. Најпознати еснафи од тој период се: еснафот на табаците (кожарите), бакалите, сапунџиите, свеќарите, ахтарите (треварите), папуџиите, самарџиите, абаџиите, ќебеџиите, налбатите, џиљаџиите (бојаџиите), анџиите, џирикчиите (опинчарите), текстилните еснафи од безистенот, чевларите, пекарите, ќурчиите, сарачите, такиеџиите, мутафџиите, кујунџиите, терзиите…

Соодветно на еснафската организираност на занаетчиите се јавува и поделба на просторот во Чаршијата на посебни пазари, односно чаршии кои ги носат имињата на занаетите што постојат во нив.

21e1613d-226f-41db-be52-fd2e19620997

Познатиот патеписец  Евлија Челебија при своето патување во Битола во седумнаесеттиот век , во описот на градот кажува за 900 дуќани во битолската чаршија, 40 кафеани и импозатен безистен. Во 1827, Чаршијата броела дури 1400 дуќани каде се практикувале повеќе од седумдесет различни занаети.

Во 1834 година избива голем пожар во битолската чаршија во кој настрадале голем број на дуќани. Во 1862 година повторно избива голем пожар кој практични ја уништил целата чаршија како и една третина од градот.

За време на Првата светска војна Битола била бомбардирана со што целиот град бил разрушен. Битола настрадала како никој друг град во Македонија за време на Првата светска војна и тогаш дефинитивно го губи сјајот на трговска Битола, занаетчиска, монденска…

e6b94bea-9e2e-49d6-8db0-8b962f2ae112

Денес, Чаршијата и нејзините останати градби и калдрми само немо сведочат за едно прекрасно време… За времето на занаетчиите и чираците, за еснафите, за кафеаните, за свилите, крзната и кожите кои се продавале… Чаршијата веќе не мириса на греана ракија наутро и симид – погачи.

Постарите Битолчани со носталгија и чудна жал во зениците, се присетуваат на златните времиња на Чаршијата, кога бучавата, детскиот џагор и спогодбите со трговците биле прекрасно секојдневие. Трговците со ширум отворени раце, чираците насмеани, желни да научат занет, меаните со прекрасни чалгии повикуваа на гозба…

c7079a2e-18e4-4000-a10f-ba07ebd84627

Се присетуваат на фурнаџиите, анџиите, симитџиите и бурекџиите, кои со мирисот на свежо приготвените јадења го будеа новиот ден… И на сите оние прекрасни жени кои купуваа свила, накит, срми, постелнини, чевли… На сѐ она што некогаш била Чаршијата, а денес останало само запис во нечија книга, реклама за сјајното минатото. На сѐ она што денес е спомен, ќе кажат старите битолчани, спомен која мора да се негува за идните генерации да знаат за некогашната убавина на битолските пазари…

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот