Некогаш знаевме да си кажеме „добар ден“, денес преминуваме на другата страна од улицата за да не се сретнеме

0

Што е тоа што ни недостига? Култура, веднаш ќе ви кажам. Да бидете дел од овој град и да се чувствувате како да не припаѓате е многу лошо.

Да имате чувство дека некогаш имаше почитување и култура, а денес останаа само каранците и пцовките. Некогаш знаевме да си кажеме „добар ден“ и со непзнати луѓе на улица, денес не сакаме ниту на соседот да му кажеме, а уште помалку да се возиме со лифт заедно. Денес, преминуваме на другата страна од улицата за да не се сретнеме.

Порано си чувавме место на клупа да си седнеме заедно и да си кажеме некој ред муабет. Денес, седнуваме на клупа и се молиме  некој да не седне до нас и да ни раскаже како му поминал денот. А ако седне, стануваме.

Имате ситуација во која сакате да паркирате на означено место за тоа, во моментот додека се подготвувате да влезете со колата, „влетува“друга кола и без извинување, без најава ви го зема местото. При тоа кога ќе се обратите со прашањето „Г-не како не ви се срам да го направите тоа, кога видовте дека јас се обидувам да се паркирам“, добивате пцовки и навреди. Добро е што не добивате и ќотек.

Преминувате улица на пешачки премин со дете во количка, никој не сака да ви застане, па фино си чекате 5 минути, се додека не се најде јунак кој ќе ве забележи и и нема да му се брза толку, ќе застане и вие конечно ќе преминете.

Сообраќајот, поточно сообраќајната некултура е многу честа тема на кој се дискутира, секој се докажува, секој има право, а никако не можеме да излеземе на крај едни со други.

И после толку време, толку возачко искуство, праведни и неправедни казни зад нас, сè уште не можеме да се разбереме. Сè уште жените не знаат да возат, мажите се тие кои не внимаваат на сообраќајни знаци, никој не паркира каде што треба, системите за паркирање не ни функционираат, старите лица кои се зад воланот исто така се виновни оти нивните сетила се послаби од нашите…стереотипи колку сакаш, а ниту едно решение.

Да се разбереме, ниту жените се тие кои не знаат да возат, ниту мажите се тие кои не почитуваат знаци, ниту старите лица кочат сообраќај. Проблемот бил и секогаш ќе биде во нашата глава и е заеднички, не поединечен. Се додека се паркираме каде што не треба, се навредуваме додека возиме редејќи го цело животинско царство притоа, ќе имаме проблеми со културата, која не само што нема да се подобри, туку уште полошо – ќе стагнира.

Следниот пат кога ќе ви свирнат во сообраќај затоа што сте застанале каде што не треба, пробајте да се извините, којзнае, можеби тоа ќе смени нешто.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.