Некаде помеѓу облаците

0

Денеска, седејќи на балконот со дозата попладневно кафе, ги набљудував облаците. Разиграни, растреперни, танцуваа на ветрот, се гушкаа еден со друг. Интересните бели форми кои пловат по небото секогаш се интересни за набљудување кога времето е пријатно, а можат да бидат и извор на бури и дождови.

Облаците се едноставни акумулации од кондензирана водена пареа во воздухот. Но нивните променливи шеми и дезени тивко откриваат како и зошто се формираат облаците и какво време навестуваат. Постојат три основни видови облаци – првпат опишани од хемичарот Лук Хауард во 1804 година: цируси, стратуси и кумулуси.

Цирусите се атмосферски облаци кои се карактеризираат со тенки пердувести ленти, чести придружени со снопови кои потсетуваат на прамени коса. По боја можат да бидат бели до слабо сиви и не прават сенка на Земјата. Цирусите се дебели околу 1,5 километри и обично се наоѓаат на висина од 9 километри над морското ниво, но има и такви кои можат да се најдат и на поголеми височини. Се составени од крупни кристали на мраз и нивната температура е од -20 до -30 степени Целзиусови, но од овие облаци нема преципитација (не врне дожд или снег). Постои и понатамошна поделба на цирусите според други фактори.

Стратусите се ниски облаци, кои се карактеризираат со хоризонтална распределба. Настануваат од водени капки кои ќе дојдат во контакт со студени и топли воздушни маси. Се состојат од изедначени слоеви и немаат посебни контури. Многу се слични со маглата и најчесто го покриваат целото небо, а се високи од 200 – 700 метри. По боја можат да бидат темни до бели, и можат да произведат слаб дожд или снег. Кога ќе се каже дека е „облачен ден“ тоа најчесто означува небо покриено со стратуси кои го затскриваат Сонцето. И овие понатаму се делат на подробни групи според различни фактори.

Кумулуси се најзабележителниот вид облаци. Тие имаат забележителна вертикална дистрибуција и јасно дефинирани облаци. Тие на изглед се пердувести и потсетуваат на памук. Кумулусите ретко произведуваат дожд, се појавуваат наутро, преку ден добиваат најголемо распространување и исчезнуваат навечер. Се создаваат на висина од 1000 до 2000 метри и најчесто се предвесници на другите видови облаци како кумулонимбуси кои пак карактеризираат нестабилно време, со дождови, град, па дури и торнада.

Покрај овие три главни групи на облаци постојат и кумулонимбуси, алтокумулуси, цирокумулуси, алтостратуси, циростратуси, цирокумулуси и нимбостратуси. Времето зависи од многу фактори како влажност, температура, видот на облаците, како и висината на облаците. Делот од метеорологијата кој се занимава со проучување на облаците се вика нефологија.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот