Не си бил во Брвеница ако не си бил во Електра Гарден!

0

Автор: Бранкица Б.Анѓелевска

На неколку километри од главниот влез на Тетово стои сообраќајна табла десно кон Брвеница или по тетовски позната како Брвенца. Од тој излез од автопатот почнува да ве следи патоказ кој директно ќе Ве насочи кон убавиот ресторан Електра Гарден.

Дали сте дошле преку ден или навечер убавината е таа: прекрасно зеленило, голема фонтана на средината, детско катче, летна тераса, летниковци, кои се само дел од содржините што можете да ги најдете тука. Кога еднаш ќе дојдете овде, ќе посакате уште еднаш и уште еднаш да се вратите, се додека не сфатите дека не можете без  оваа доза хедонизам.

Од едната страна поглед кон преубавата Шара, а до другата страна прекрасна зелена градина со многу цвеќиња ќе ви ги прочистат сетилата за мирис и вкус, и ќе придонесат сто процентно да го уживате во ова место.

Ултра модерен, ултра урбан, а во исто време традиционален, така би го опишала овој ресторан. Како ресторанот така и персоналот, на кој нема потреба да му кажете што ви треба дополнително, тие веќе знаат како и кога да ви ја надополнат храната или пијалакот. Кога зборуваме за храната, ако не знаете што да порачате верувајте на тимот, бидејќи тоа што ќе ви предложат секако дека се ќе ви се допадне. Ако некој каже дека Галичкото сирење се подготвува на уникатен начин само во Галичник, ќе погреши. Овде, тоа се подготвува со многу љубов и на посебен начин, затоа задолжително треба да го дегустирате.

Менито кое е на располагање е толку обемно, што постои по нешто за секого.

 

Оригинално тетовско гравче во земјено тавче, зачинето и подготвено како да сте во традиционална тетовска куќа, свежи сезонски салати, зеленчук на скара со путер, пилешко, телешко и свинско месо подготвено на традиционален и на медитерански начин и што уште не, се само дел од тоа што го нуди кујната на овој ресторан.

Особено е впечатлив професионализмот на тимот кој управува со оваа уникатна градина од природа зачинета со многу вкусови. Сите овие работи ќе имаат и дополнителна убавина ако бидат зачинети со добра музика. Овдека често можете да ги најдете и познатите “Тетовски тамбураши” кој со прекрасниот избор на традиционалната музика само ќе придонесат да ви се зголеми апетитот, а ако сакате нешто по ваш избор нивно е задоволството да ви ја исполнат желбата.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.