Не сакам моите деца да ја градат нивната среќа на туѓата несреќа

0

Дојде еден ден таа и ми рече: „Многу ми е тешко, не можам повеќе да го истрпам овој притисок.“

Ја погледнав прашално, ништо не ми беше јасно. Таа ми е пријателка со години, никогаш не сме имале тајни. Гледајќи ја така ме облеа некоја студена пот и ми се пресекоа нозете, ни самата не знаев зошто.

Ја прашав „Што е проблемот, што се случило?“

Сега веќе не ме гледаше мене, туку некаде на страна, во некој точка. Како да се срамеше и го избегнуваше мојот поглед.

Ми рече дека е бремена, но некако не насетував дека тоа беше главната вест. Знаев дека се гледа со некого, но бидејќи не ми кажуваше детали, не настојував. Ја прашав зошто не е среќна, а таа ме погледна и ми рече:

„Затоа што се чувствувам виновна, во врска сум со оженет човек.“

Овојпат не проговорив, само оставив простор да каже сè што и лежи на душата.

„Разбери ме, многу ми е тешко, не знам како да постапам, а сакам да го родам. Но, чувствувам дека ако не ти кажам сè, ќе ме прогнува несреќа до крајот на животот.“

Седнав до неа и реков дека мене може сè да ми каже. Таа со треперење во гласот продолжи.

Се сеќаваш минатото лето кога ти замина на службено патување во Турција, а јас ги чував Ана и Бојан?“

Климнав со главата и таа продолжи.

„Тогаш почна сè. Јас и Деко твој некако се зближивме додека беше отсутна. Ми кажа дека сте имале некои проблеми, почнавме да разговараме… Една работа водеше кон друга..Се случи, извини“.

Јас прашално стоев и не ми беше јасно што зборува или не сакав да ми биде јасно.

„Како можеше?“ – реков.

Целиот свет ми се преврте наопаку, а дното ми го снема под нозете. Наеднаш, сликите од изминатата година почнаа да ми се вртат низ главата. Сите наши вечерни седенки, дружби надвор од дома, заеднички викенди, сите моменти кога јас си легнував порано,а таа остануваше со него.

О Боже, колку само бев глупава и наивна. Ама како да не бидам, па таа ми е како сестра. За неа рака во оган би ставила.

Не, не, не. Ова не може да биде вистина.

Таа беше моето друго јас. Како може вака да ме изневери? Дури не бев ни толку лута на него. Повеќе ме болеше нејзиното отколку неговото предавство.

Згора на сè, носи негово дете.

Следно што се сеќавам е како стојам на врата со децата и два куфери. Не сакав да се расправам, не сакав да зборувам, не сакав да ги гледам. Сакав да го избришам тој дел од моето сеќавање, да не постојат, за да не ме боли толку.

Движејќи се накај автомобилот, во глава ми се вратија зборовите на мајка ми кои ми ги кажуваше кога бев средношколка, без ниту една грижа на овој свет: „Во другарка верба да немаш.“ Колку само беше во право.

Светот кој што го знаев се сруши. Сега морав да најдам нова смисла и да продолжам понатаму, да им покажам на децата дека сепак животот е убав. А како да го направам тоа, кога ни сама не верувам?

Но, како и секогаш, во вакви ситуации сфаќаш кои ти се вистински пријатели. Тоа се оние кои ќе ти ја држат раката додека плачеш над несреќата што те нашла, тоа е твоето семејство кое ќе те сака безрезервно.

И не, не сакам да се одмаздам. Сакам на моите деца да им покажам дека одмаздата носи само во провалија. Сакам да направам луѓе од нив, личности кои утре нема да ја градат нивната среќа на туѓата несреќа.

На крајот од денот, секоја ситуација носи ново искуство. Запаметете, дека секоја ситуација може да се победи, од секаде пробајте да излезете како победници.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.