Не ми диши во врат, нема побрзо да завршиш

0

Понеделникот е ден за сè, па и за во банка. Колку порано ги завршам административните обврски, толку помирна ќе ми биде главата, си мислам. Само, сабајлево не беше така…

Забележав дека жолтата линија што ти ја дава приватноста во банките веќе ја нема… Некаде се излижала од газење, не се ни гледа дека некогаш воопшто постоела. Немаше ни да помислам на ова, ако, додека стоев на шалтер и ги подавав парите и личната карта, не ми се „залепи“ некоја жена зад грб и буквално почна да ми дише во врат. Се подместив понастрана, а во истата секунда и таа зачекори напред.

„Ако Ви пречам да се тргнам?“ ја прашав.

Ме погледна малку зачудено, како да бев јас расположена за карање. Всушност и не бев, утрото ми беше убаво додека таа не ми се „залепи“ како фластер.

„Ако пречам да се тргнам, да завршите работа наместо мене… Ќе си почекам, не брзам“, бев и повеќе од иронична.

Мислам дека тогаш се сети да се врати два чекори наназад.

Откако излегов од банката се сетив на сите можни сценарија од овој тип. Колку пати ви се случило и вам истото? Да немате никаква приватност додека чекате ред на шалтер во банка?

Или, колку пати сте почувствувале нечија корпа со намирници како ве удира по ногата или по телото затоа што тие што се зад вас не знаат да застанат барем еден чекор поназад? Кога ќе го почувствувате туѓиот здив во вратот ви доаѓа да им се развикате: „Тоа што ќе почнеш да ми дишеш во врат не значи дека ќе ја завршиш работата побрзо“!

Луѓето се често некултурни, бесчувствителни дека тоа што го прават ѝ пречи на околината. Ми пречи мене. Ми пречи кога некој ќе ја окупира мојата приватност со своето преблиско присуство. Не се познаваме, само стоиме во истиот ред на каса, не треба да се допираме, без оглед дали си маж или жена. Не сакам да се допираме, што е поважно. И не сакам да слушам како дишеш затоа што сметаш дека еден чекор поназад прави да си подалеку од касата. Не, нема да завршиш порано. И не, нема да те пуштам пред мене ако не ме прашаш љубезно. Толку е едноставно.

Всушност, толкавата „близина“ често пати ми делува манијакално, нападно, узурпирачки. Мојата приватност е моја приватност… Ако го вклучам телефонот додека чекам во ред тоа не значи дека те повикувам да ги читаш моите приватни пораки. Не го сакам тоа чувство.

Затоа, понекогаш, кога некој ќе застане толку близу до мене, сакам да речам: „Девојко и кога ми се „пуштаат“ не се толку нападни!!!“ Има ситуации кога се воздржувам. Ама, многу почесто кажувам на глас.

Постојат граници на културното однесување. Мора да се почитуваат. А ако не ве воспитале од дома, обидете се да се сетите дека постои жолта линија, излижана или не, која ви вели дека треба да држите дистанца – од мене, од кој и да е пред вас. Јас не ви дишам во врат, не треба ни вие.

За крај да прашам, ако понеделникот тргне „наопаку“, дали тоа значи дека цела недела ќе ми е таква? Искрено се надевам дека не, не знам уште колку пати ќе можам да издржам уште неколку вакви непријатни „блиски“ средби кои ја преминуваат жолтата линија.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот