National Geographic објави репортажа за убавините на Македонија

0

Ејвери Стонич е новинарка која пишува за реномираниот National Geographic. Оваа Американка посетила преку 50 земји во светот во потрага по авантури. Една од нив е Македонија.

Ова е дел од нејзината приказна посветена на нашата земја.

Лоцирана помеѓу Истокот и Западот, оваа мала земја е вистински ковчег со богатство, полн со историски споменици, природни убавини и разновидна култура.

Македонија можеби е една од најфасцинантните, а најнепознати места во светот. Модерната земја нуди микс од персиски, грчки, римски, отомански, српски и советски вкусови. Пријателите седнуваат на кафе кое може да трае со часови (и покрај забраната за пушење во затворени простории) или пак уживаат во чашката ракија. Христијанските цркви го делат сводот со муслиманските џамии, сјајните езера ја дополнуваат природата, а планините полни со вар се издигаат над малите, тивки села.

Без оглед дали сте градски тип или преферирате авантури во природа, ова се 10 причини да го испланирате своето патување во Македонија.

Пешачење по планината Љуботен

Во северозападниот дел на земјата се наоѓа планината Љуботен. Потребни се 5 часа да испешачите до врвот, а оттаму се простира одличен поглед надолу.

Возете кајак или планинарете на Матка

Во непосредна близина на Скопје е кањонот Матка. Тука, изнајмете кајак, стигнете до пештерата Врело или пак качете се до манастирот Св. Никола Шишевски, до кој се стигнува за околу 40 минути пеш, а пред вас ќе се појави неверојатен поглед на кањонот.

Истражете го Скопје

Главниот град на Македонија е дом на преку половина милион луѓе, спој на старото и новото. Погледот најпрво ќе ви го привлече Милениумскиот крст на планината Водно, но и тврдината Кале која постои од 6. век. Главниот плоштад е микс од стилови, а тука доминира статуата на Александар Велики.

Откријте ја историјата на Охрид

Шетајќи низ градот, ќе добиете чувство дека сте на Медитеранот. Кристалните води на езерото, едно од најстарите во светот, пленат со својата убавина. Градот со многу цркви е културно наследство на УНЕСКО. Посетете ги и улиците на старата чаршија пред да седнете да испиете кафе покрај езерото.

Летајте со параглајдер од Крушево

Највисоко лоцираниот град во Македонија се наоѓа во пелагониската котлина. Погледот оттаму е неверојатен, особено ако решите да летате со параглајдер.

Пешачете низ пештери

Македонската природа е како швајцарско сирење – полна со пештери… преку 300. Ви ја препорачувам посетата на Горна Слатинска низ која ќе ве поведат водичите од Урус Спелеос.

Прошетајте се во Националниот парк Маврово

Најголемиот национален парк во земјата нуди по нешто за сечиј вкус. Можете да го посетите лете, но одлична можност да го видите е и во зима, во текот на ски сезоната.

Посетете ја Шарената џамија

Сите религиозни споменици во земјата се „бледи“ откако ќе ја видите Шарената џамија во Тетово. Изградена во 15. век, џамијата плени со шаренилото на бои и геометриски уметнички форми кои го покриваат секој сантиметар од ѕидовите и терасите.

Уживајте во храната и пиењето

Една работа е сигурна – во Македонија нема да сте гладни. Миксот од вкусови вклучува бурек, ајвар и шопска салата за почеток. Иако се познати по одличното вино, национален пијалак е ракијата. Внимавајте колку ќе испиете, бидејќи Македонците имаат безброј причини да наздрават кога ќе седнат на маса со ракија.

А кога ќе ви речат „Ајде да одиме на кафе“, тоа значи дека ќе пиете кафе, но поверојатно пиво, ќе седнете на вечера, или само ќе се дружите. И запомнете, некои од луѓето што ќе ги запознаете во Македонија, може да ви станат пријатели за цел живот.“

Извор: National Geografic

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот