Најубавите мали гратчиња во Македонија

0

Македонија е земја која изобилува со природни убавини, тоа е добро познат факт. Имаме преубави планини и езера кои секогаш ни крадат дел од здивот штом ги посетиме или погледнеме.

Но, Македонија има и многу убави мали гратчиња кои чекаат да бидат откриени. Сега вечните негативци ќе речат дека ништо не чини кај нас, дека треба да се работи на секој град, да се поправааат улици, згради и куќи… И нема да погрешат. Потребна е работа за нашите мали гратчиња да изгледаат како некое италијанско село кое претставува туристичка атракција, а освен тоа што се наоѓа во Италија, нема што друго да понуди.

А што велите да ги погледнеме работите од друг агол. Тоа значи да ја дознаеме приказната за нашите градови, нивната историја која може да ви ја раскаже секој нивни жител – ако појдете таму и прашате.

Кочани е уште едно мало гратче каде што можете да уживате. Прошетајте низ него, разговарајте со граѓаните, нека ви раскажат некој настан од минатото, некоја локална приказна која нема да ја заборавите. Тоа се работи кои на интернет не можете да ги прочитате, туку само усно да ги научите.

Велес е градот кој се наоѓа во срцето на Македонија. Можеби не е меѓу најмалите градови, но се наоѓа некаде на средината. Низ историјата менувал многу имиња како Вилазора, Ќурпули, Титов Велес на кој сите се сеќаваме за на крај да стане Велес кој денес го знаеме. Прашајте за неговото античко минато, дознајте повеќе за градот на Кочо Рацин, за личните приказни на луѓето од таму.

Берово ја дише душата на Мелешевијата. Тоа е место каде што можете да ги одморите сите сетила, да ја сфатите убавината и предноста на животот на планина. Посебно е убав во зима, а во летниот период е идеален за одмор кој ќе ве врати во живот. Прашајте како настанал градот, нека ви го кажат двете легенди. Пробајте од беровското сирење, испијте кафе со локалните жители.

Крушево е едно од гратчињата во кое немате други избор, освен да уживате во него. Тесни улички, калдрми, прекрасна глетка и историја која секогаш можете да ја слушате одново и одново и да не ви стане здодевна.

Кратово, уште едно мало гратче кое ако му дадете шанса ќе имате уште едно убаво сеќавање. Ако не сте ја знаеле приказната за Радин мост, прашајте за неа, ако ја знаете сепак нека ви ја раскажат пак. Пробајте од кратовската пастрмајлија кој им посебен вкус.

Секој град можете да го откривате одново. Наместо денот да го поминувате во локалните ресторани и кафеани, прошетајте низ уличките, најдете ја најстарата куќа таму, дознајте повеќе за нејзината историја, прашајте за најпознатата љубовна приказна која можеби се раскажува и денес. Разгледајте ја околината на градот, видете што има таму да се види.

Македонија има навистина многу убави места кои треба да се посетат. А како поинаку ќе знаете дали некое место ви се допаѓа или не, дали можете да ја сакате во целост или само на парчиња?

Фотографии: интернет

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.