Надежта и желбата се нож со две острици

0

Решиле мислите да си играат со мене, баш кога ми треба сон и кога ми е потребно да си наполнам батерии за цела недела. Толку се гласни што добивам нагони да викам, да мавам и да плачам ако треба. Само да си заминат. Некој можеби ќе рече дека е лесно. Силна глава ќе си рече себеси СТОП, ќе си повтори три пати дека тие мисли се бескорисни, не се здрави и оп, ете така магично тие ќе престанат.

Силна сум и јас, знам. Волјата е чуден и најмоќен управувач на животното кормило. Токму тука лежи мојот одговор, вистината од која бегам многу долго време. Таа волја не постои. Јас не сакам да престанам да мислам. Таму, во мислите немам ограничувања. Нема реалност и нема препреки. Можам да си замислам што сакам. А сакам толку невозможни нешта. Сакам свет каде што ќе го следам своето срце без последици. Во реалноста, тоа ќе крвари и нема да може да се спаси. Сакам свет каде што ќе можам да одам и до крајот на светот за она што го сакам… и да бидам среќна. Сакам свет каде нема никого да повредам со моите постапки. Ете, невозможното.

Некој можеби ќе помисли, колку е оваа проблематика плитка и безначајна. Срце и емоции? Покрај сите оние проблеми со кои луѓето секојдневно се соочуваат низ светот, јас патам од оваа болест. Но, не се чувствувам ни плитко, ни лигаво. Многу добро знам што значи љубовта. Единственото нешто што вистински нè води, нè мотивира и ја покрива секоја болка и тага. Моќта која таа ја поседува е бесконечна.

Кога мислиме дека “љубовта боли“ ние сме во заблуда. Љубовта е единственото нешто што не боли. Она што боли е осаменоста, одбивањето и невозвратените чувства. Зависта и љубомората, копнежот по нечиј мирис и она чувство кога си толку блиску што речиси можеш да го почувствуваш, но, ти бега од раце секој пат кога му се доближуваш.

Затоа, не се срамам. Да, ме мачат емоции и копнежи кон кои сум немоќна. Немоќна сум затоа што посакувам невозможни работи. Надежта и желбата се нож со две острици. Можат да ни донесат толку прекрасни нешта, но можат да одземат многу повеќе. Не се срамам, бидејќи сум свесна и кажувам гласно. Не се срамам, бидејќи имам чувства и совест. Не се срамам, бидејќи знам дека не сум единствена.

Подготви: Маја Здравеска

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.