На што треба да внимавате кога надвор има магла?

0

Првата работа што ја забележувате наутро кога ќе станете е маглата надвор. Причината за тоа е загаденоста со која секојдневно се соочуваме и заради која го ризикуваме здравјето. Но, денот мора да почне, обврските да течат, а луѓето да ги завршуваат без разлика на сè.

Во текот на денот, секој од нас има потреба да стигне до некое место, а ако не користиме јавен транспорт во тој случај другата варијанта е такси превоз или сопствено возило.

Во услови на магла и отежнато движење, потребна е поголема внимателност кога возите, посебно ако тоа е надвор од градското подрачје.

На што треба да внимавате?

Сите прозорци на автомобилот гледајте да бидат убаво исчистени, вклучувајќи го и делот под бришачите на ветробранското стакло, бидејќи се собира многу прав и нечистотија која може да се размачка и да ја отежне прегледноста.

Проверувајте до каде ви е течноста за миење на ветробранското стакло, за да не ви потроши и да предизвика дополнителен проблем во возењето. Ако прозорците се замрзнати, прво отстранете го мразот, а потоа измијте ги.

Иако, кај нас со закон е регулирана употребата на светла, сепак се случува да се заборават, односно да не се вклучат. Кога има магла, тоа нека биде една од првите работи што ќе ги направите кога ќе влезете во автомобилот. Ако пак видливоста е помала од 100 метри, вклучете ги светлата за магла.

Ако се движите надвор од градот, секогаш држете ја десната страна од автопатот, за да можете веднаш да застанете во случај да се јави некој проблем попатно. Маглата на некои места може да биде погуста, некаде поретка, затоа дополнителна внимателност и подготвеност не е на одмет.

Следете информации од дежурни екипи по патиштата, обично тие се пласирани во информативните изданија на радио станиците или пак можете да проверите на интернет какво време ве очекува, на кои делови од патиштата да внимавате.

Возењето се отежнува во услови на магла во вечерните часови, затоа препорачливо ако сте во можност да го избегнете ноќното возење, заради намалената видливост.

За крај, доколку временските услови се навистина лоши, препораката секогаш е да го одложите патувањето до првиот погоден момент.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот