На кратко со..Елена Петреска

0

Елена Петреска е македонски артист кој долги години е на музичката сцена, има одлични песни кои постојано се слушаат на радиостаниците кај нас, музичка кариера за која решивме да поразговараме накратко со неа, но и за случувањата кои се актуелни во нејзиниот приватен живот.

Елена што се случува со Вас во моментов, недостигате на македонската музичка сцена?

Искрено и мене ми недостига пеењето многу, но во моментов сум во 9ти месец од бременоста и го чекам пристигнувањето на мојата ќерка, па енергијата ми е насочена во тој правец, посветена сум на приватниот живот. После породувањето секако дека ќе продолжам со пеењето, всушност едвај чекам 🙂

Вие сте пејачка чиј моќен вокал е добро познат. Морам да прашам – дали Ви недостигаат настапите во живо?

Благодарам на комплиментот, ми значи. Премногу ми недостигаат настапите во живо, пеев до 5тиот месец од бременоста, после тоа ги откажав сите. Пеењето е она што го правам целиот мој живот и на настапи и во опера, сега и на Музичка академија на отсек ‘поп пеење’ и одвај чекам да продолжам…

Која е Вашата најголема мотивација?

Некако цело време ме држи таа помисла дека ќе дојдат подобри времиња тука кај нас. Најголема мотивација ми е желбата за пеење и најголемото уживање на настапите во живо со мојот бенд каде фидбекот од публиката е директен и ме исполнува максимално, посебно заради тоа што таа енергија е взаемна. Додека постои тоа чувство ќе пеам, а ако некогаш почнам да го правам вештачки и без емоции, тогаш во истиот момент ќе се откажам.

Што Ви недостига од времето на “златната доба” на музиката?

Најмногу ми недостасува начинот на кој се ценеше македонската музика, публиката беше расположена и даваше одличен фидбек, пејачите работеа со полна пареа, продукции, нови синглови и албуми, настапи по клубови, дискотеки, разни кампањи… Тогаш секој нов хит сингл беше пречекан со позитивни реакции, додека сега на секоја објава на порталите за некој наш пејач, читаме лоши коментари, омраза се сее помеѓу луѓето… Јасно е дека турбофолк музиката надвладеа во Македонија и исклучиво таа да е од нашите соседи… И ние имаме прекрасни квалитетни пејачи на народна музика, но не, соседите се повредни од нас и упорно собираат огромни хонорари, што и за држава со низок стандард како што е нашава е многу чудно.

Кога ја планирате следна песна?

Имам две готови песни, едната е комплетна и чека момент за промоција, а другата е во демо верзија која ќе треба да се обработува, но и двете ќе почекаат, како што кажав овој период приватните обврски ми се приоритет.

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот

 

Остави коментар