На кого му припаѓаме?

0

Ние луѓето сме родени во група, живееме во група и се идентификуваме преку нашето чувство за припадност на некоја група. Првиот контакт на новороденчето е преку некоја група – семејство или детскиот дом, и токму овој контакт станува матрица на однесување, во текот на целиот живот. Човечката егзистенција несомнено е поврзана со припадноста во некоја група, а тоа ни создава можност за свое лекување или уништување. На пример, новороденчето ако е напуштено можно е да не преживее, но и тимот во кој што работиме ако не не прифати, можно е да доведе до губење на нашето работно место. Оттука, припадноста во некоја група е потенцијално најдобар начин за своја своја лична, социјална и професионална промена.

Членовите во една работна организација или на пример, еден нов брачен пар кој штотуку почнува да живее заедно, се лица кои претходно биле формирани како личности и одредени од своите претходни искуства. Многу е важно да знаеме дека сите релации и процеси кои се формираат во една група, се развиваат и трансформираат низ времето. Ниту една релација не е констатна. Таа зависи од многу работи, на пример, од искуствата што сме ги имале во детството, семејните ситуации, работното искуство, возраста, социо културната средина во која сме растени, традицијата, животната енергија и/или животниот циклус во кој се наоѓаме.

Така во една група релациите можат да се подобрат, но и влошат, ако не се адаптираме на промените кои се неизоставен дел од нашиот животен пат.

Преку групата ние учиме за својот однос кон себе, и за тоа како ги градиме релациите со другите членови во таа група. Некои сметаат дека најлесно е да си сам, да работиш и функционираш сам, но, сепак човекот најмногу созрева кога е во релација со другите. Преку членство во некоја група секој може ако сака да си ги види своите доблести, но и своите недостатоци.

Можеби за себе сметате дека сте или не сте член во некоја група, но, за да видите колку е важна  свесноста за тоа, дефинирајте на еден лист, лица или групи на лица во вашиот приватен и професионален живот кои се значајни за вас. Потоа, на лист хартија нацртајте онолку кругови колку што имате идентификувано групи и луѓе кои ви се значајни. Една група може ќе биде фамилија, друга некое хоби, трета другари од основно и така натаму.  Сега на цртеж изразете го меѓусебното влијание и емоционалната блискост – помеѓу вас и круговите што ги оформивте, некои ставете ги во близина, некои оддалечете ги. Потоа означете го квалитетот на комуникација со тоа што ќе ги обележите врските со линии (подебели и потенки) и симболи (тенки цртички или подебели) помеѓу круговите.  Е сега најважното, прашајте се, што јас очекувам од секоја група/личност и што секоја група/личност очекува од мене?

Одговорот на овие прашања ќе ви го покаже степенот на припадност во групите. Погледнете ја убаво сликата и видете ги вашите групи и луѓето кои сте ги избрале. Тоа е вашиот живот ! Ако нешто не ви се допаѓа, дозволено е да го смените!

И обидете се да разликувате, припадност во група не значи и автоматска блискост со луѓето. Знаете дека некогаш луѓето може да припаѓаат во некоја група но, не се чувствуваат блиски со луѓето, и обратно, некогаш некои луѓе ги чувствувате многу блиски но не се сме дел од нивните групи.

Таму каде што најмногу ве допира сликата, е таму е полето на ваш раст и развиток! Таму се лекциите кои треба да ги поминете и мудростите кои треба да ги усвоите. Ако некоја група  ви е важна а немате чувство на среќа во неа, тоа е полето на вашето растење. Почнете да истражувате во себе и започнете го патувањето кон себе! Секој почеток е тежок но, овој почеток е најважен за вас, тој ќе ве донесе поблиску до себе, до својата автентичност, до местото каде што среќата е константа, независно од околностите и групите во кои припаѓате.

Билјана Пешева

Професионален обучувач за  возрасни

www.healthylifeskills.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар