На 22 март македонска премиера на филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски

0

Македонската премира на „Бикини Мун“, новиот филм на Милчо Манчевски ќе се одржи на 22 март во киното „Милениум“ во Скопје, со почеток од 22 часот.

Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија.

„Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.
Станува збор за модерна и мрачна бајка кој зборува за скршените идеали на модерното семејство, за непостоечката приватност во сбвет на камери, мобилни телефони и социјални мрежи.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

Извор: mia.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот