Мудрост во шолја кафе

0

Група поранешни студенти, сега веќе успешни деловни луѓе, се собрале и посетиле еден свој стар професор од факултет. Разговорот за кусо време се насочил кон поплаки за преголем замор, исцрпеност, стрес на работа, со семејството, на секој чекор во животот.

Професорот ги слушал со внимание, сочувствителен за нивните проблеми. „Мислам дека ќе ви годи шолја добро кафе“, рекол и се повлекол во кујната. Се вратил со голем лонец со жешко кафе и многу шолјички. Секоја од нив била различна. Имало порцеланска, пластична, стаклена, хартиена, кристална, керамичка… Некои од нив изгледале скапоцено, како да потекнуваат од дворот на последниот кинески цар, други биле сосема обични, трети пак, биле поткршени.

„Послужете се“.

Кога сите негови поранешни студенти имале по една шолја во раката, професорот рекол: „Убавите и скапоцени шолји се разграбаа за час. На масата останаа недопрени грдите, обични и евтини шолји. За себе го посакувате само најдоброто, а тоа е вашиот извор на стрес. Изгледот на шолјата не придонесува за вкусот на кафето. Поубавиот сад е поскап и понекогаш го замаглува тоа што го испиваме. На сите ни треба добро кафе, не скапа шолја од која ќе го пиеме. Вие сепак посегнавте по најскапите. А потоа продолживте да ги меркате туѓите шолји.

Кога ќе почнат да ве мачат стрес и незадоволство, сетете се дека кафето е како животот. А парите, работата и општествениот статус… тие се како шолјата. Шолјата не го дефинира, ниту го менува квалитетот на животот што го живееме. Понекогаш, сконцентрирани на шолјата, забораваме да уживаме во кафето.

Пијте кафе, не шолја.“

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар