Мотивирајте се и кога „ве мрзи“

0

Замислете го ова – имате „километарски“ список на дневни активности и знаете дека треба да работите, аме не ви се прави ништо. Тешко е да се фокусирате кога сте вака расположени, нели? Знајте дека не сте единствените… ова им се случува на сите.

Сите имаат вакви денови – понекогаш не се чувствуваме добро, понекогаш не знаеме како да се снајдеме со целата работа што мора да ја завршиме тој ден, понекогаш сме нерасположени, понекогаш се чувствуваме мрзливи. Што и да ни се случува, работата мора да се заврши. Па како да се мотивирате?

Поделете ги големите задачи

Големите задачи или цели можеби ви делуваат невозможни, особено ако сте нерасположени. Затоа, обидете се да ги поделите на помали задачи. Ова нема да ви делува толку страшно и стресно, а вие полесно ќе ги решавате. На пример, ако треба да направите голема презентација за на работа, поделете ја на чекори (делови) кои треба да ги вклучите во презентацијата и секој ден подготвувајте по еден дел (доколку времето ви го дозволува тоа). Ако чекорите се помали, ќе бидете повеќе мотивирани затоа што ќе знаете дека ќе ви биде полесно да ги комплетирате.

Раздвижете го телото

Понекогаш не сте расположени за ништо затоа што, па едноставно, не сте расположени за ништо. Пробајте да направите неколку куси вежби. Ова ќе ви ја врати енергијата, па дури и да не ви се работи, ќе бидете посвежи и полесно ќе ги завршувате задачите пред вас.

Фокусирајте се само на една работа 

Ако се чувствувате изгубени бидејќи имате премногу задачи, тогаш тргнете ги настрана сите освен една. А кога ќе ја завршите, преминете на следната. Секогаш започнете од активноста што ви е најважна, па продолжете со сите останати. На овој начин нема да ја изгубите мотивацијата за работа, а и ќе сработите сè побрзо.

Направете пауза за да ги „наполните батериите“

Не е лесно да се мотивирате. Ама, ако направите мини пауза за да ги тргнете мислите на друга страна, да го „оладите мозокот“ и да ги „наполните батериите“, тогаш полесно ќе ја завршите задачата или ќе се насочите кон следната.

Наградете се

Истражувањата покажале дека луѓето се повеќе мотивирани ако знаат дека ги очекува награда за успешно завршената работа. Затоа, кога ќе комплетирате задача од вашата дневна листа на активности, наградете се самите. Тоа може да е чоколадо додека сте на работа, или миризлива бања ако сте дома. Нека ве води мислата дека по добрата работа ве очекува награда. Доволно добра мотивација, зар не?

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.