Москва, град во кој се менуваат пет годишни времиња: пролет, лето, есен, зима и руска зима!

0

Москва, град каде царува зимата. Со дух и раскош во кој се чувствувате како да чекорите низ некоја приказна, низ нечив дом. Град, толку пати, рушен, никогаш до крај освоен. Дише низ улиците тој руски дух на храброст, гласен говор и вечен оптимизам.

За народот, се вели дека е ладен. Непријателски настроен. Некои истражувања дури ги прикажуваат како поладни и од Британците. Таму ќе ве послужат со топол чај штом ве здогледаат, во Русија ќе ве одминат. Или ќе упатат долг, испитувачки поглед кој ќе ви се чини цела вечност додека не ви прозборат. Она што не го кажуваат е дека Русите се на прв поглед горди, непристапни, се додека не ве проценат. Но штом оставите пријателски впечаток, буквално можете целосно да ги распакувате куферите во нивниот дом. Вашиот пријател Русин ќе се погрижи да се чувствувате како дома, ќе направи се за да бидете постојано насмеaни, оти токму тој е вашиот домаќин. Тој има должност да ве направи среќни. Ќе ви даде се што има, ќе сподели, ќе ве прошета насекаде и задолжително ќе ви раскаже бар една приказна за историјата на Русија.

Чувството на воодушевување и припадност ќе се појави во моментот кога ќе зачекорите низ некој од широките булевари. Поради својата величина, Москва не остава никого рамнодушен. Ви се чини дека сте се искачиле на највисоката планина, сте препливале цело море, сте виделе се.

Позади Црвениот плоштад, ќе ја видите половина историја, ѕидините на Кремљ, политичкиот центар на Русија. Место каде Иван Грозни започнал да владее, Наполеон ја гледал Москва како гори, Ленин ја кроел диктатурата на пролетаријатот…

moskva1

Шетајќи низ стариот трговски кварт, па до Арбат, ќе дојдете до старата Пушкинова куќа, на чија улица е постојано полно туристи, улични музичари, поети, сликиари…

moskva3

Болшојскиот театар, центарот на европската култура, се чини отсекогаш е најотменото место во светот. Црвениот тепих, даските што живот значат, белите со карнери тоалети… За момент помислувате дека од некаде ќе се појави Ана Каренина пред вас.

moskva7

Во кој дел од градот и да се наоѓате, од секаде ќе ги видите “Седумте сестри“, огромните облакодери кои го сечат руското небо. Ексклузивноста и престижот извираат од сите страни. Во ноќните клубови, ресторани, дискотеки се пие само најскапото шампањско, се носи брендирана гардероба, скап накит и гломазни бунди.

moskva9

 

Индустрискиот дел од градот, каде владеат модерни архитектури, потсетува за момент на Њујорк. Стаклени прозори, високи згради, се чини Русија преку ноќ го замени традиционализмот за модерна уметност. Овде, архитектите ги живеат своите замисли.

Она што ќе ве збуни е гужвата. Постојано луѓе на улиците, на железничките станици, во јавниот превоз. Каде и да се свртите, таму има група луѓе. И на -10 степени.

Она што не смеете да го пропуштите во Москва се знаменитостите. Музејот на Достоевски, кафето “Пушкин“, Музејот на КГБ, паркот Горки и сите оние кои кога би застанале да прашате па и најмало дете Московчанче ќе ви ги раскаже.

Русија е ладна, но топла земја. Има зима и руска зима. Моменти на ектремен студ, зачинет со романтика. Често прекриена со снег, полна со дух.

moskva2

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.