ИНТЕРВЈУ: Мерсиха Шукри "Човекот што ќе го погледнам во огледалото сакам да остави трага на среќа и исполнетост кај другите"

0

Мерсиха Шукри е родена во Скопје. Своето музичко образование го почнува со изучување на пијано, а го продолжува во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“, напоредно додека учи во општа гимназија. Магистер по харфа и добитник на повеќе републички и меѓународни награди како солист и како камерен музичар, а во моментов е соло харфист во Македонска филхармонија. Впечалива професионална биографија има оваа девојка. Но тоа што мене ми остави уште поголем впечаток е енергијата која таа ја носи со себе. Млада, позитивна, мила и приземна личност која знае што сака во животот и секој нов ден го дише со полни гради. Два часа беа премалку за да раскаже сè за животот досега. А јас не можев да престанам да прашувам за љубовта помеѓу неа и харфата испреплетена со настани од нејзиното детство, за првото запознавање со харфата, за попатните станици до тоа што е денеска – уметник со душа и енергија за целиот свет која ја црпи од музиката што ја создава овој инструмент.

м3

Кога беа всушност првите почетоци со харфата, со оглед на тоа дека си дел од музичко семејство, дали тие имаа влијание на изборот на инструмент или харфата те одбра тебе?

Во моето семејство, музиката била присутна од секогаш. Иако татко ми и брат ми веќе професионално се бавеа со музика, никогаш немаа влијание во изборот на она што јас сакав да го изучувам. Пијано свирев од многу мала возраст, но кога дојде време за средното образование, не сакав да продолжам бидејќи не се пронаоѓав со него. И така се запишав во општа гимназија. Малку подоцна, мојот татко, кој тогаш предаваше мандолина и контрабас во средното музичко училиште, даде предлог да се изучуваат инструменти кои не се застапени кај нас, меѓу кои и харфата. Љубопитноста ме однесе на првата средба со овој инструмент. Се сеќавам беше многу спонтано. Харфистката која прва ме запозна со овој волшебен инструмент, беше од Русија која работеше во Бољшој театар. Подоцна нејзината сестра ми предаваше харфа. Тоа беше љубов на прв поглед од една страна. Од друга страна мојата љубопитна природа да истражувам, откривам нешто ново ме повлече да започнам да го изучувам. Сигурно универзумот ги наместил коцките да се сретнеме, засакаме и дружиме со харфата. А од предлогот на татко ми си направивме шега дома “тато си ја зема бељата, ќе учам харфа“ (хаха)

Тешко ли ти беше да се школуваш напоредно во две училишта? Колку беше изводливо тоа?

Во тоа време не бев ни свесна што правам. Но кога сега ќе се присетам, навистина било лудо и забавно во исто време. Тешко беше затоа што на некој начин немав слободно време. Во гимназијата редовно си ја посетував наставата, додека во средното музичко училиште одев на стручните предмети. Сите знаеме дека во гимназија има многу обемен наставен материјал кој треба да се совлада, а во музичкото дека треба да се вежба. Дополнителна тежина претставуваше и немањето харфа на која може да се вежба. Но љубовта кон она што го работев и упорноста, ми беа двигател за да се справам со тоа што сум го започнала.

Завршуваш средно училиште и твојата дефинитивна одлука е Факултетот за музичка уметност во Скопје. До моменотот на твоето запишување таму , не постои отсек харфа, туку го формираат тогаш и ти си единствениот студент. Раскажи нешто повеќе за ова:

Да, исто како во средното музичко училиште така и на Факултетот за музичка уметност, бев првиот ученик и студент по харфа. Во моментот кога се запишав на овој факултет, немаше инструмент. Тој дојде многу подоцна. Покрај инструментот, немаше никаков наставен план и програма по која треба да се работи. Покрај мене, се учеа и сите околу мене како треба да се одвива наставата по харфа. Често се менуваше класата каде припаѓа харфата како инструмент, дали во гудачката или клавирската класа. Бев дел од инструменталниот отсек, но пеев во хор наместо да свирам во оркестар. Беше како еден голем неизвесен експеримент. Сето тоа искуство ме направи да бидам уште похрабра и да зајакнам како личност.

м6

Во нашиот разговор ми спомена дека понекогаш со твојот татко,познатиот Рамадан Шукри, знаете да се пошегувате со тоа дека тебе ти било судено да ја повторуваш неговата историја – односно двајцата да бидете пионери во вашата област:

Ние имаме многу заеднички работи со мојот татко, покрај онаа роднинска (хаха) На времето бил првиот студент по контрабас на нашата Музичка академија и првиот дипломиран контрабасист на истата. И тој се сретнувал со многу препреки во текот на студирањето. Јас сето тоа го поминав со харфата. Минатата година се случи уште една работа која не’ поврзува. Тоа е концертот кој го имавме во Загреб. Имено, во салата во која како солист заедно со Мандолинскиот оркестар “Скопје“ имав можност да настапувам, татко ми пред многу години ја имал можноста да настапува. Тоа е една од најубавите сали со прекрасна акустика.

Интересно е тоа што во текот на твоето формално музичко образование те следат неизвесности. Алудирам на твојот завршен диплмоски испит кога не си знаела кога ќе го полагаш, дали воопшто ќе го завршиш во блиска иднина или ќе треба да чекаш бидејќи твојата професорка ненадејно заминува во Русија. Како се случи тоа?

Неизвесноста беше поврзана со актуелната состојба во нашето опкружување. Во нашето соседство се случуваше нешто за што сите бевме засегнати за нашата безбедност. Мојата професорка, исплашена од таквата ситуација, ненајавено заминува за Русија, без никаква информација кога ќе се врати. Времето одминуваше и бев ставена во неизвесност кога ќе го заокржам моето студирање. Но кога се смири ситуацијата и професорката беше тука, ми се случи незгода која уште повеќе ми го одложи дипломирањето. На врата од возило, прстите на десната рака ми беа фатени. Требаше време за повредата да се санира и да можам повторно да засвирам.

Непосредно по завршувањето на факултетот ја купуваш твојата прва харфа. Колку време ја бираше, дали воопшто можеше да се набави од овде или моравше да заминеш надвор од Македонија да ја купиш?

За целото време додека студирав, заедно со моето семејство баравме начин како да имам своја харфа. Тоа е скап инструмент кој се набавува од странство. Во светот постојат повеќе производители на харфа. Имав можност да видам неколку од нив и да се одлучам од каде ќе ја купам. Секако, постојат разни големини на харфа кои се разликуваат по својата намена и квалитет, а со тоа и различна цена. Сакав харфа која ќе биде голема концертна и со звук кој ќе ме плени. За таа цел два пати бев во Италија. Првиот пат, во самата фабрика не успеав да издвојам, но затоа вториот пат, на една изложба на разни инструменти, за прв пат имав можност да видам и пробам 40-тина харфи на едно место. Тогаш ја одбрав мојата харфа и бев пресреќна заради тоа. Имав максимална поддршка од моето семејство во изборот на мојата харфа.

Зборувавме дека ако неколку различни музичари свират на ист инструмент, сепак мелодијата ќе биде различна. Зошто е тоа така, дали заради енергијата на уметникот или нешто друго е во прашање?

Токму така. Сите носиме различна енергија во себе и различно ја манифестираме. Во моето досегашно искуство имало случаи, на една харфа да свириме неколку харфисти, но да звучиме различно. Тоа е она што го носиме во себе и нè прави посебни.

Кога излегуваш на сцена првите пет минути го бараш сензибилитетот на публиката, тогаш се обидуваш да се поврзеш со присутните. Како знаеш дека си го постигнала ефектот?

Тоа е енергија која мора да ја почувствувате. Првите неколку минути се опуштате од возбудата која несомнено секој ја има пред настап. Го чувствувате самиот амбиент и публиката која е тука. Како да правите флуид со самата публика. И кога ќе се препуштите на таа магија, знаете дека сте го постигнале ефектот. Доказ за постигнатото? Аплаузот на публиката, нивната насмевка.

м7

Во секоја професија постојат докажани имиња кои не испирираат. Која е твојата инспирација, кој те воодушевил најмногу досега?

Во различен период, имало личности кои ми помогнале да ги согледам нештата од еден друг аспект. Тоа ми помогнало да истражувам и созревам, и да изградам свој стил во она што го работам. Можам да го издвојам периодот кога после руската школа по чиј начин на работа течеше и моето школување, имав можност да се запознаам и со француската. Харфистката Кетрин Мишел, која долги години беше солист на Париската опера, ми даде друга ширина и визија на харфата. Таа од кога ме слушна како свирам, ме повика во Париз на усовршување. Краток период работев со неа. Ми откри многу тајни за харфата, за животот воопшто.

На мое огромно задоволство ми откри ексклузивна информација која ниеден друг медиум не ја знае, а тоа е дека следната година планираш солистички концерт, но нема да биде тоа само обичен настап туку нешто посебно кое си го посакала пред неколку години и сега е на чекор до остварување. Рече дека нема да откриваш повеќе детали, но ајде одговори ми тогаш на ова: зошто баш сега, зошто не порано или подоцна?

Досега сум имала многу солистички концерти и концерти со камерни состави или како солист со оркестар. Различна програма, од класика, блуз до современа музика. Но она што ми е желба одамна е да ја претставам харфата во поинакво светло. Идејата тлее веќе неколку години и мислам дека дојде време за реализација. Универзумот ми одговори на мојата искрена желба. Здравје, следната година сите ќе уживаме во тој проект.

Мерсиха велиш дека каде и да одиш во светот, ја носиш земјата со себе и се обидуваш да ја претставиш македонската култура на секој можен начин. Во разговорот со тебе, ми го спомена настапот во Загреб, кога си била повикана, заедно со мандолинскиот оркестар, да го затворите фестивалот на харфа кој се одржува на 24 мај, денот на македонските просветители. Како изгледаше и што е поважно како звучеше сето тоа?

Минатата година , заедно со Мандолинскиот оркестар “Скопје“, настапивме на интернационалниот фестивал за харфа во Загреб. Честа да настапиме на 24 Мај, и да го затвориме овој фестивал беше огромна. Тогаш, покрај класичната програма, заедно со мојот татко, обработивме македонски народни песни за харфа и мандолински оркестар. Нашиот фолклор е секаде препознатлив и добро примен. Публиката го прими сето тоа со воодушевувње затоа што македонскиот фолклор беше претставен на еден поинаков начин. Ни беше особена чест и огромно задоволство.

Уште еден важен настан е впишан во твојата професионална биографија. Настапот во Холандија во 2008 година заедно со други 499 харфи. Раскажи ми повеќе

Таа година во Амстердам се одржуваше светскиот конгрес на харфа. Со моето учество на овој конгрес, нашата земја за прв пат учествуваше на ваков настан од светски рамки поврзан за харфата. Идејата беше да се соберат голем број на харфисти од целиот свет, да музицираат заедно и да влезат во Гинисовата книга на рекорди. Делата за овој концерт беа наменски напишани и се изведуваа во еден огромен простор покрај пристаништето. Оркестар од толку многу харфи на едно место, навистина фасцинантно. Како дел од овој оркестар, драго ми е што со името на нашата земја, влегов во Гинисовата книга на рекорди.

Харфата е твојата професионална животна определба, но кај нас на голем дел од луѓето овој инструмент им е непознат. Ми кажа дека правиш напори да им го доближиш на што поголем број луѓе. На кој начин?

Сретнувам луѓе кои не виделе харфа во живо или пак не знаат што е тоа. Нормално. Во нашата земја нема традиција за овој инструмент. Се трудам, колку ми дозволуваат можностите, да го доближам до луѓето преку разни настапи, концерти. Од неодамна, започнав и со едукација на сите кои се заинтересирани да се запознаат повеќе со харфата. За таа намена, си купив мала харфа. Дечињата многу се интересираат и сакаат да навлезат во тајните на овој инструмент. Го препознаваат од цртаните, го поврзуваат со ангелите, принцезите.

Кое е твоето животно мото, која мисла те движи напред?

Пред неколку години имав голема животна лекција. Затоа, се трудам да се радувам на малите нешта кои животот ни ги дава. Човекот што ќе го погледнам во огледалото, негувајќи ги своите вредности, да остави трага на среќа и исполнетост кај другите. Во професијата, секогаш ќе има и подобри и полоши од вас. Затоа се трудам да бидам подобра од она што вчера сум го сработила.


Интервјуто го направи Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива