Мајка сум и не сум совршена, па што?

0

Дали се доведувате себеси во ситуација да си судите најстрого од сите околу вас? Сигурно ќе имате позитивен одговор. Не стигнавте денеска да исчистите, да направите ручек, да испеглате кошули за утре за да има што да облечете сопругот за на работа? Па што – кој рече дека мора сè да направите денеска…

Изразот совршена не постои, никогаш не постоел и никогаш нема да постои. Само заради тоа што некој сака да го употребува не го прави реален.

Ако излезете на игралиште со децата и се однесувате многу опуштено со нив, односно не се потресувате ако падне и си го изгреба коленото, веднаш ќе добиете прекорни погледи од другите мајки кои значат дека вие не се грижите доволно за сопственото дете.

Ако пак, по некој случајност почнете разговор со нив, тогаш ќе ги слушнете совршените рецепти за храна, за бањање, за проодување и општо за воспитување.

Знаете, и на игралиште за деца постојат затворени друштва, така што ако смените некој збор со нив веројатно сте една од “среќните” мајки кои успеале да влезат во светото друштво.

Како нов член, ќе морате да одговорите на мал милион прашања, бидејќи не знаат ништо за вас. Од прашањето кои пелени сте ги користеле кога се родило детето (пред 3 години) до прашањето каде планирате да го запишете на студии, сè ќе биде прашано.

Таму секогаш има една мајка која знае сè, од која почнува мајчинството на светов. Таа има совети за сите, секогаш е подготвена со секакви реквизити и знае сè за сите.

Таа е пример за совршена мајка. Еве го повторно зборот кој не постои, а  упорно се употребува.

А каков е светот на совршената мајка? Совршен!

Таму децата се воспитуваат баш како што треба. Јадат само органска храна, спијат само на високо квалитетни душеци, чаршафи кои ги има само на едно место во градот и кои не предизвикуваат алергии. Во тој свет, децата се совршени (исто како мајката), послушни, јадат сè што ќе им се сервира без да ја извалкаат новата блуза. Тие знаат сами да се хранат (веројатно знаат и сами да измијат садови), таму секогаш има свежо подготвен оброк за мама, тато и за детето посебно. Храна од тегличка е строго забранета оти тоа е за несовршените.

Вие, како несовршена мајка немате право да изнесете свое мислење бидејќи не ги исполнувате условите. Вие целосно неодговорно, кога сте излезени, понекогаш на вашето малечко му давате храна од тегла и вода од чешма или не дај Боже од градска фонтана.

Вие излегувате сами со сопругот и шетате по ресторани, а вашето дете ГО ЧУВА НЕКОЈ ДРУГ?!

Многу работи ќе ви бидат замерени ако не се по стандардите на совршената мајка. На моменти ќе почувствувате грижа на совест, што и не така страшно бидејќи тоа е човечка емоција која сите ја имаат.

Само треба да запаметите дека вие сте мајка и не треба да се извинувате за сè што ќе правите и да одговарате за своите постапки пред некој друг, најмалку пред друштвото на мајки кое вака или така, секогаш ќе најде начин да ве осуди – бидејќи така ќе се почувствуваат подобро од вообичаено. Ним тоа им треба, вас не.

Сè додека вашето дете е здраво, напредува, среќно е покрај вас, нема зошто да се правдате некому за вашата ‘несовршеност’. Вие сте мајка по стандардите на вашето дете и по ничии други.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот