Магдалена Алексовска ќе настапи во Карнеги Хол, Њујорк

0

Магдалена Алексовска ја паметиме како претставник на Македонија на детската Евровизија во 2015 година, кога настапи заедно со Ирена Петковска со песната „Плетенка“.

Гласовните можности на шеснаесет годишната Алексовска уште тогаш беа јасни, така што успехот на музичко поле беше очекуван. Доказ за тоа е нејзиното учество оваа година на интернационалиот музички фестивал American Protege кој се одржува во Карнеги хол во Њујорк.

Ќе настапува на 6 јуни со песната „Worst thing I could do“ која Оливија Њутн Џон ја испеа во мјузиклот „Брилијантин“.

Предвидени се 45 настапи, од кои 10 се со пеење, а останатите се инструментални. Магаделена ќе настапува 41-ва по ред, а ќе биде облечена во креација на ателиер Маја Десподовска. Вечерната тоалета е специјално изработена за гала настанот, со рачна апликација на камења и рачно везена чипка. Токму поради големината на музичкиот хепенинг, креаторката се одлучила за волуменозна и разиграна креација, во светло сиви тонови и нијанси на розева боја.

Принципот на избор на American Protege е следен: постојат 10 категории каде учесниците претходно испраќаат 3 песни со кои конкурираат. Оваа година бројката на пријавени била 15 000. Од сите категории се бираат победници, односно прво, второ и трето место. Победниците се тие кои ќе застанат на сцената на 6 јуни во престижниот Карнеги Хол во Њујорк.

На нашата Магаделена ќе и биде доделена награда 3 место на American Protege, која ќе ја прими после нејзиниот настап. Ова е значајно признание од една ваква музичка организација бидејќи на тој начин се отвораат можности за стипендирање на младата пејачка во САД, нејзина музичка надградба во некои од престижните музички школи на американско тло.

Стајлинг: Ателиер Маја Десподовска

Фото: Fokus Photography

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.