Лондон, град кој не припаѓа на оваа планета!

0

Пред да се отиде било каде најдобро е да се информирате за местото каде што ќе патувате. Но, доколку патувате во некоја светска метропола и престојувате недела или две издвојте го она што сакате да го видите и направете план на вашето патување.

Лондон, град со многу светлина, зеленило, топлина и свеж воздух.

Патувањето во овој град може да преставува стрес од самата негова припрема. Првенствено бидејќи сте од Македонија, а Велика Британија не е припадник на шенген зоната, морате да го искусите оној период од околу 2 месеца за вадење на виза, за која што никогаш не можете да бидете сигурни дека ќе ја добиете, а и доколку ја добиете и отпатувате за Лондон можете да бидете вратени од аеродром назад, во случај да се појави некаков сомнеж за вас кај лицето кое ви ги проверува документите и ви ги поставува истите прашања што ви биле поставени на интервјуто за виза во Скопје. Запомнете што сте одговориле тогаш, за да можете истото да го одговорите повторно.

                За разлика од неколку лоши искуства кои ми беа раскажани, јас поминав одлично и во процедурата за вадење виза, влезот во самата држава и целиот престој таму.

Лондон е град кој доколку сакате да го доживеете баш онака како што треба, треба да го сакате. После ова патување кога ме праѓшаа “Како е во Лондон?” , мојот одговор беше “Лондон е град кој не припаѓа на оваа планета!”

Од самиот аеродром, начинот на однесувањето на службените лица, нивната љубезност и култура, бев воодушевена, а од кога излегов од аеродромот, едноставно градот ме прегрна и знаев дека ова мое прво патување во овој град, нема да биде последно. Град во кој циркулира таква енергија која најверојатно е останата на земјата од големите владетели кој некогаш чекореле на ова поднебје.

Во колона без застој илјадници автомобили од аеродромот возеа кон градот. Сите спокојно и мирно без напнатост стигнуваат онаму каде што треба. Се сместив и веднаш го отворив планот за туристичка обиколка на големата метропола.

За да го остварам комплетно мојот туристички план прво си набавив Oyster Cards и мапа од познатиот Underground со кој од едниот до другиот крај на Лондон можете да стигнете за 40минути.

Big Ben, Tower Bridge, London Eye и Buckingham Palace се четирите места кои задолжително треба да ги посетите во овој град. Освен овие на листата на значајни места додадете уште неколку како National Gallery of Art, каде можете да ги видите грандиозните дела на Михеланџело, Рембрант, Рубенс и многу други. Воедно можете да усовршите некои техники за цртање на нивните брзи курсеви и да се едуцирате од богатата литература со која располага музејот. Посветете цел ден во оваа галерија, бидејќи овие дела кој ќе ги видите таму не можете да ги видите на ниту едно место на светот.

Natural history museum London, е еден од бесплатните музеи во овој голем град. За детално да го разгледате овој музеј потребни се повеќе денови бидејќи преку него можете да отпатувате во минатото и да отидете во вселената, тоа се гледа од самиот влез кој ќе ве однесе во друга димензија. Реални слики од палеолитот, неолитот, еволуирањето на светот низ времето (водениот, копнениот свет), научни достигнувања, стимулации на земјотрес и до 11степени според рихтеровата скала, ветер и снег како да се наоѓате на Еверест, остатоци од мумии, мамути, диносаурси и многу други работи.

Веднаш до овој музеј се наоѓа музејот Victoria and Albert Museum. Прекрасно здание и во кој се сместени уметност, гламур, историја, кутура и не напразно го нарекуваат Тthe world’s leading museum of art and design. Основан во 1852 година од Кралицата Викторија и Принцот Алберт, се протега на 5,1хектари и во него се опфатени уметност и култура од 5000години од сите континенти во светот. Има 145 галерии со традиционална облека, рачно дизајниран накит, мебел, фотографии, слики на платно, графика и многу ќе бидете горди на себе кога во ваков музеј кој се вбројува во најбогатите и најголемите музеи во светот ќе наидете на женска македонска традиционална носија и под неа ќе пишува From Macedonia.

 

Овие два музеја заедно со The Science Museum кој исто така е основан од Кралицата Викторија во кој се наоѓаат патенти од механизација, електроника, физика и хемија, медицина се наоѓаат област Brompton на Кралската околија Kensington.

Не случајно во оваа област точно на истата улица се наоѓа и онаа позната и стоковна куќа Harrods каде што модата, естетиката и уникатноста ќе ве остават и без здив, a и со празен паричник.

Во прошетката во оваа област не заборавајте да ја посетите и најпознатата слаткарница во светот Patisserie Valerie основана 1926 година од белијанката со британско државјанство Мадам Валери кој што создавала уникатни слатки задоволства за кралската елита.

Ако сте љубител на автомобилите кои сега се реткост (олдтајмери) ова е областа каде што за време на викендите можете да ги видите, кој иако се толку стари сепак изгледаат како тазе да се бојадисувани и излезени од фабрика.

Во Лондон има многу катедрали, па која и да ја посетите нема да погрешите. Секоја има своја историја, убавина, мистика и енергија.

Лондон ја има и Waterloo underground station најстариот подземен превоз кој постои од 1848 година. Ако сега погледнете во него, ќе сфатите дека историјата е секогаш во тренд!

Постојат некои работи кој што не смеете да не ги направите, а да сте тука. Да се напиете пиво во некој паб, да се возите на London Eye, да го посетите Hyde Park, морате да се напиете англиски чај, да одите на bus tour околу Лондон. Исто така како едни од местата каде што има добра забава може да се набројат Ritz Club, Hard Rock, Sting nightclub, како и многуте забави кој се прават под отворено небо.

Освен двокатните автобуси, познатиот black cab, немојте да се чудите доколку во Лондон наидете на некој кој користи и коњ како превозно средство, кое е регулирано во нивната сообраќајна култура.

Постојат работи кои задолжително треба да ги почитувате во овој град. Како на пример немојте никогаш да допрете Боби полицаец, немојте никогаш да фрлите отпадок на земја. Пушете цигари на обележани места, немојте ни случајно да се обидете да ги закачате чипуваните патки по парковите, можете да завршите во затвор и не носете верски симболи на себе и секогаш гледајте десно кога преминувате улица. Тоа го пишува на секој пешачки премин.

Како последно нешто посетете го Музејот Madame Tussauds, овдека ќе ја сретнете целата светска елита како и кралското семејство. Фотографирајте се со кралицата, нејзината фигура е толку автентична што можеби и некој ќе Ви поверува дека сте пиеле чај со неа.

Подготви:  Бранкица Б. Анѓелевска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.