Љубовта на поетот – Јарослав Сајферт

0

Лажливите моменти на првите љубови!

Тогаш се уште верував
дека умирањето сред цвеќе
кога човек е заљубен
до уши,
или умирањето на карневалот во Венеција
може да биде поубаво од смртта
дома во постела.

Смртта, меѓутоа, е господарка на сета болка
позната во светот.
Нејзиниот скут е исткаен
од роптежот на умирачките,
а извезен со ѕвездите од солзи.

Смртта е талкање на лелеците,
факел на запалена крв,
црна убавина
и порта за нигдина.

Понекогаш е и љубов на поетот.
Нека и се додворува
во мирисот на мртвото цвеќе,
ако не им пречи
ѕвонењето на страшните ѕвона
што тргнува во поход
газејќи низ крвава кал.

Смртта ја вовлекува во телата на жените
својата долга тесна рака
и дави некои деца под срцето.
Таа ќе стигне во рајот
сеуште целата во крв.

Царица е таа на секое убивање,
а нејзиниот скиптар
од почетокот на светот заповеда
со грозотиите на војните.

Смртта е сестра на гниењето,
весник на пропаста и ништожеството,
врз сечии гради таа го струполува
бремето на гробот.

Но смртта е и само момент,
зачкрипува перото
и ништо повеќе.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.