Љубовна – Анте Поповски

0

Пред да се раздени
за неа беше разденето
пред да се стемни
за неа беше стемнето.

Го преврзуваше сонцето со влажна шамија
и го успиваше крај неа.
Ние, дури чекавме да расцутат овошките,
Таа веќе ги береше плодовите од нив
полни чинии поставуваше пред нас
и ништо не ја возбудуваше.

Ние ќе и покажевме камена птица што лета
таа ќе речеше: Да тоа сум јас,
птица во окото на сонцето!
Ќе и принесевме сини цветови што ги брал
Aлександар Македонски покрај Златна река
таа ќе речеше: Тие цветови веќе сум ги носела в пазуви!
и секогаш
и секогаш молчеше.

Велеше, се што имам да речам си го реков себеси
право е на другите да си молчат за својата судбина
не постоеше ништо што можеше да ја возбуди.

Цел живот верував дека е жена
не знаев дека е Бог
Само тој не копнее по ништо.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот