„Лице в лице“ прерасна во регрутер на нови генерации кои ќе растат со вредности за солидарност и емпатија

0

Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски здруженија на граѓани добија грантови за развој на нивните економски активности.. Разговараме со еден од добитниците на грант, Жармена Божиновска од организацијата „Паблик“, која е издавач на уличното списание „Лице в лице“, во чии рамки беше воспоставена програмата „Лице в лице СЕНС“.Колку време постои, кој е бизнис моделот и како се развива „Лице в лице“?

– Уличното списание „Лице в лице“ постои од септември 2012 година, а излегува еднаш на два месеци.
Целта на нашето социјално претпријатие е економско и социјално зајакнување на ранливи групи сограѓани, преку процес на работна интеграција. Продавачите, (младинци на улица, бездомници, лица со попреченост), освен што го продаваат списанието, вклучени се и во едукативна програма дизајнирана според нивните специфични и индивидуални потреби. Така, од младинци кои се срамеа да пристапат на потенцијалните клиенти, сега имаме самоуверени мажи кои самите си го унапредуваат својот микро бизнис, и чија заработка честопати е и единствен приход во семејството. Имаме и исклучително успешни приказни во делот на решавање предизвици со домувањето, враќање во образовниот процес, описменување…
Со искуството од неколкугодишната работа, сфативме дека е потребен дополнителен импулс за да се зајакнат овие инклузивни и едукативни сегменти и така дојде потребата од „Лице в лице СЕНС“.

  1. Која е социјалната компонента и како таа ќе придонесе за општествен и економски развој?

    Програмата „Лице в лице СЕНС“ цели да решава предизвици од социјалната сфера давајќи одговор на бесмисленостите и општествените аномалии што ги согледува заедницата. Станува збор за развој на концепт кој преку на продажба на дизајнирани бележници, беџови, букмаркери…развива бизнис модел што решава социјални проблеми. Всушност, програмата е создадена да искреира нова додадена вредност во општеството и од аспект на социјалната димензија, но и од аспект на заштитата на животната средина.

Производите се изработени од рециклирана хартија, и носат автентичен печат на авторите Ване Костураноцв и Зоран Инадески, и за почеток теми во фокус им се: родителство, уметност и промовирање на велосипедизмот како одржлив транспорт.
Во моментов, програмата не остварува профит. Но, планот е, откако ќе се развие, профитот да се намени токму за дополнување и реализација на едукативната програма за продавачите за која низ годиниве тешко се обезбедува одржливост. Затоа, одлучивме дека една ваква дополнителна активност е повеќе од добредојдена, а е и во согласност со нашите стратешки цели за зголемена социјална инклузија на ранливи групи, како и за 
унапредување на еко системот за социјалните претпријатија во земјава.

 

  1. Која ранлива категорија ја адресира оваа организација?
    „Лице в лице СЕНС“
    во моментов функционира во рамки на долгорочната програма „Лице в лице“, едно од пионерските социјални претпријатија во земјава. Продавачи на списанието се младинци на улица, бездомни лица, лица со попреченост, долгорочно невработени и луѓе кои долг период биле исклучени од пазарот на трудот.
  2. Какви се реакциите на купувачите?
    Програмата ја лансиравме летово. Производите се исклучително внимателно одбрани, целиот процес беше долг и одземаше многу ресурси, но конечниот производ го оправда целиот предизвик. Добивме комплетно одржлив производ – нотеси кои промовираат македонски уметници, теми како: велосипедизам и родителство, и се креирани според принципите на одржливост, односно имаат силна социјална, еколошка и општествена вредност.
    Публиката брзо ја препознава идејата која ја претставуваат овие аксесоари и реагира мошне будно и отворено, манифестирајќи задоволство дека добива квалитетен производ и во исто време дава свој придонес во градењето општество во кое секојаима еднакви права и можности за вклучување и дејствување.
    Можеби дел од оваа јавност е и онаа која добро ги познава принципите и вредностите на „Лице в лице“, но, исто така, веруваме и дека ќе бидеме креатори, регрутери, преку нашите активности, на нови генерации кои ќе растат и ќе се развиваат со вредности кои ќе значат солидарност, емпатија, поддршка и сензибилизираност за важноста од овозможување инклузија.
     

    5. Што ви е потребно како социјално претпријатие во оваа развојна фаза? 

    За овој период увидовме дека на делот кој што е врзан за е-маркетинг и е-продажба, би можеле посериозно да му се посветиме и развиваме, со цел „Лице в лицеСЕНС“ да има поголема видливост.
    Во ова време на дигитална технологија и брз ритам на живеење, неопходно е да поработиме и на достапноста на нашите производи. Но, исто така, веруваме дека силен сојузник и партнер во оваа фаза ќе ни биде и јавноста, затоа што само со заедничко делување можеме да ги оствариме целите кои сите нѐ засегаат.
     

  1. Кои се плановите за иднина?

Плановите за иднина, генерално, се ширење на продажната мрежа на нашите производи на македонскиот пазар.
Откако доволно ќе зајакнеме на домашниот и на странските пазари, би планирале зголемување на асортиманот на производи, како и вработување на нашите корисници.


При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.