Квалитетните очила за сонце секогаш нека бидат прв избор

0

Изборот на очила за сонце не е толку едноставна работа како што сите мислиме. Првата работа која секогаш треба да ви биде на ум е избор на очила со УВ филтер, односно очила кои ќе ги одбијат штетните зраци на сонцето од вашите очи. Треба да знаете дека очите се за десет пати посензитивни на УВ зраците отколку кожата, а во крајни случаи можат трајно да го оштетат видот. Уште еден факт кој треба да го знаете е дека луѓето со светла боја на очи е имаат поголема чувствителност на зрачењето.

Без исклучок, при бирањето на очила за сонце, освен нивниот изглед, секогаш внимавајте да имаат УВ заштита. Сега ќе речете дека квалитетните очила за сонце со висока заштита се скапи и не секој може да си ги дозволи, што не е далеку од вистината. Но знаете што? Има и очила за сонце кои може да ги купите во лиценцирани продавници кои имаат заштита од УВ зрачење. Подобро е да купите очила за сонце кои имаат некаква заштита отколку обично стакло кое не само што нема да ве заштити, туку од таквите очила секојдневно ќе имате главоболка и нема да знаете на почеток од каде е. Информацијата за заштитата која ја поседуваат е на декларацијата која ја добивате заедно со кутијата каде лежат очилата.

Елени Антолек, оптичар од Скопје на темава вели:

“Луѓето најчесто не се во состојба да купуваат квалитетни очила за сонце. Ако би требало процентуално да ја изразам побарувачката тоа би било околу 15 до 20 проценти”.

Во текот на летниот период очите треба да бидат заштитени од сонцето со очила кои содржат УВ Б и УВ А филтри. Поради странична изложеност на очите, се препорачуваат очила со странична заштита. Ова е од посебна важност за детските очила бидејќи трансмисијата на УВ зрачењето преку очите кај децата е многу поголема отколку кај возрасните. Заштитата на ретината е слаба и строга препорака на докторите е да не се употребуваат кај децата очила без никаква заштита.

Уште една работа која треба да ја знаете е следнава: ако на очилата пишува поларизирани, тоа не значи дека имаат УВ заштита туку дека го намалуваат одблесокот на сонцето од површините кои што нè опкружуваат.

И на крајот, подобро е еднаш да платите повисок сума пари за очила за сонце и да ги носите долго потоа, отколку парите да ги дадете подоцна на офтламолог кој ќе се обиде да ја санира штетата на очите.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.