Крчин за паметење

0

Ден недела, ден за природа. Ако ме прашате мене, за мене секој ден е ден за природа, но модерното време не ни го дозволува тоа задоволство.

Патувањето организирано од планинарската група I Love Hiking и овој пат започна од Пошта 2.

Шест часот наутро, се натоваривме во комбињата во и тргнавме кон Маврови Анови, каде што ја направивме првата кафе и појадок пауза. После 15тина минути се упативме кон добро познатиот Рекански крај. И во претходни колумни кога пишувам за овој крај од Македонија некако ми се развиваат посебни силни чувства исто како оние кога сум во мојот крај. Ако во март кога поминував од тука природата се будеше, верувајте дека сега веќе е разбудена. Ако тогаш Мавровска река беше разиграна како дете кое штотуку проодело, сега е веќе пораснато дете кое знае да трча брзо за да стигне до Радика со која понатаму заедно ќе ви го поматуваат зеленилото на шумата со својата сина боја. Прекрасен предел, полн со изненадувања кои никаде на друго место нема да ги доживеете.

Стигнавме во Битуше на големата зелена полјана. Ова е почетната точка на нашата авантура. Кога ќе фрлите угоре поглед и ќе погледнете каде треба да стигнете пеш може да ве фати паника, па затоа подобро е да се чујат упатствата од водичите Деки, Алекс , Хари и Стефан и веднаш потоа да се нурнете во длабочината на преубавата зелена шума.

Групата се подели на три дела, прва група, средна и последна. Го поминавме дрвеното мовче и тука почна големата авантура. Јас со уште три пријателки бевме во последната група. Едноставно не ни се брзаше, одевме полека и уживавме во уникатноста на природата. Разнобојни цвеќиња, дрвја полни со љубов и тн. Полека но сигурно одевме по маркираната патека за да стигнеме до местото за првата пауза, но тоа полека веројатно беше малце побрзо од останатите што беа во последната група за во еден миг да сфатиме дека сме сами на патеката. Но, не ни е прв пат тоа, но прв пат ни беше соочувањето со диво животно. Одејќи по патеката Вики беше прва, јас одзади неа, а по мене Ивана и Силве, нешто ми го привлече погледот на страна и тогаш ја застанав Вики за да и кажам не оди, бидејќи има мечка од страна. Верувајте не знаевме што правиме и дали тоа е правилно, но ги замолив да не се паничат, да не трчаат и да не викаат. Мечката со трчање по неколку секунди се упати угоре во шумата и тогаш добивме сила да вртиме на телефон на другите кои беа одзади нас на неколку минути.

Се стабилизиравме и продолживме да стигнеме кон местото за пауза старата црква Св. Преображение. Сите веќе знаеја за нашето искуство што го доживеавме и можеби ќе звучи како нескромно, но бевме премногу трезвени во тој миг стабилни и не паничевме и целата ситуација заврши без никакви несакани последици. По кратката пауза се упативме кон врвот. Но кога денот е таков, а си пријател на природата пред нозе ќе ти претрча и зајак кој сигурна сум дека во паника од толку многу луѓе не знаеше на каде трча.

Искачувањето продолжи, сонцето за миг не не напушти, но и силниот ветер не дозволи да ја осетиме неговата жештина, а пак облаците беа како расфрлени играчки во детска соба со различни форми и големини. Ако им направите анализа и ако ги гледате од различна перцепција во нив ќе најдете облак во форма на риба, планина, некое животно, профил од човек… Се искачивме на Крчин точно 2341м.н.в и сретнавме поглед за паметење. Се поставија знамињата точно на темелите на старата црква Старо Преображение и може да се започне со воодушевување на панорамата која ја нуди Крчин. На едната страна Албанија, на другата страна Македонија, а на врвот млади насмеани лица кој се хранат со убавината на погледот до недоглед. Кога сте на вакви места двогледот е вистинската направа преку која ќе прошетате низ целиот мијачки предел и ќе влезете низ сокаците на Галичник, Јанче, Тресонче, Лазарополе, Селце и Гари. Можете одозгора да видите што се случува во дворот на Св. Јован Бигорски и дали има некој на врвовите Меденица и Карбула. Ако го завртите погледот од другата страна ќе стигнете до градот Почест во Албанија, но доколку гледате долж по граничната линија преку Дебарското Езеро се гледа и Охридското езеро. Едноставно, се наоѓате на едно место, но видикот толку ви се отвора што всушност ви дава енергија и сте истовремено и на десет други места.

Време е да се тргне надолу. Со муабет и смеа стигнавме до полјаната од каде што тргнавме и од таму кон Ростуше да го посетиме Дуфски водопад. Тој водопад беше само дополнително восхитување за целиот ден. Ќе се запрашате како двата камена се поставени така во вертикала еден над друг во иста воздушна линија, сигурно постои некоја приказна која се крие зад таа убавина и името на овој водопад. Не може да се заборави свежината која ја даваше водата и миризбата на дивиот лук кој созава смирувачко дејство на телото и умот. Од оваа точка се гледа и Говедарник кој има некоја форма на срце.

Веќе се упативме кон Скопје, зад себе ја оставивме онаа убавина која ја дарува природата и има непроценлива вредност, па често се слушаше “Ајде да останеме и да живееме тука”. Ова е уште само еден доказ за уникатноста на Реканскиот Крај во кој може да се заљубите на прв поглед. Ова беше само еден голем поттик повеќе да ја сакате природата и почесто да бидете нејзин културен гостин, а I Love Hiking така добро го организираа денот што ќе посакате повторно да бидете дел од нивните авантури.

 

Автор: Бранкица Б. Анѓелевска  

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.