Која ви беше омилена игра со карти од детството?

0

Се сеќавате на игрите со карти од детството? Веројатно денес ретко кои од децата ги знаат, освен ако нивните родители не ги научиле.

Тоа беа посебни моменти со закажни термини во кои се собираше цело маало и се играше со часови.

Најпопуларни игри беа макао, тонч, магарец, војна, кент, табланет, црн поп, бриџ, џандар збира и многу други.

Само за потсетување, тонч беше игра каде што сите играчи вадат по една карта. Картите се редат на средина по ред(1,2,3,4…). Доколку некој од играчите извади карта која што не треба да стои на средина, а тоа не го забележи веднаш следи ТОНЧ и играчот влече нова карта која стои во неговиот куп.

Џандар збира беше уште една игра каде се славеше победа ако една карта ги собере сите, конкретно џандарот, а игра на која се смеевме до солзи и со нетрпение го чекавме крајот беше магарец бидејќи губитникот пееше вака: „Јас сум магаре со ушите нагоре со опашот нагоре“… Во тоа време, не ретко можеше да се слушне во текот на летото, некој од тинејџерските друштва да ја запее песната на глас, па да следи смеа.

Овие игри со карти се играа и на плажа, на планина, после работа во двор кај соседот. Во тоа време не постоеја социјални мрежи како денес, туку оваа активност се одвиваше во живо, со многу забава и меѓусебни разговори.

За жал, вакви дружења речиси и да нема, заради маалскиот живот кој исчезна. Дворот на соседот и игрите на клупа пред зграда се пренесени во виртуелниот свет на интернет. Поздравот за добро утро и добар ден стана „лајк“ на Фејсбук, а насмевките и комплиментите кои ни го правеа денот се стикери или емотикони во коментар.

Но, сè уште има дел од минатите генерации кои се сеќаваат на друштвените игри со карти, кои ги практикуваат на заеднички средби во текот на неделата или пак додека се на одмор.

Затоа, на следното патување кое ќе трае подолго, на зимување или летување, понесете два шпила карти за да се потсетите како беше да се забавуваш без помош на социјалните мрежи.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот