Која е Лина Ѓорческа, тенисерката што пишува историја на Австралија Опен

0

Ниту една македонска тенисерка не го постигнала тоа што младата Лина Ѓорческа го постигна сношти во Мелбурн. Таа одигра фантастичен меч и славеше против Американката Саша Викери со 2-1 во сетови во мечот од квалификациите на Австралија Опен.

Со победата македонската тенисерка стана првата Македонка што победила на еден меч во квалификациите на еден Гренд слем турнир, во случајов, Австралија Опен.

Ѓорческа го започна мечот одлично и поведе со 2-0, правејќи брејк уште на самиот старт. По подемите и падовите младата тетовчанка го доби првиот сет. Вториот сет ѝ припадна на Американката, по што се одигра и третиот, решавачки сет. Овој пат, него го доби нашата Ѓорческа, и со победата над 135та тенисерка во светот, таа оствари пласман во второто квалификациско коло во Мелбурн.

Ѓорческа мечот го заврши со 11 аса и освоени 99 поени. Притоа имаше успешност од 70 проценти на прв сервис.

Во следното коло, Лина Ѓорческа ќе се најде очи в очи со унгарската претставничка, Далма Галфи која е 160та на ВТА листата. Нашата Лина, пак, е на 206то место во моментов.

Која е Лина Ѓорческа?

Родена е на 3 август 1994 година во Тетово.

Напорно работи на својата кариера и од месец во месец постигнува подобри резултати. Освен напредокот на женската тениска ВТА листа на најдобрите тенисерки во светот, таа бележи успеси и во играта во двојки.

Досега во кариерата има освоено осум ИТФ титули во поединечна конкуренција и 34 ИТФ титули во двојки.

Неколку пати е прогласена и за најдобра македонска спортистка.

Во исчекување на следното коло и уште еден успех, погледнете го видеото од нејзиниот прв настап.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот