Кој пат е вистинскиот?

0

Во животот често ќе се најдеме на раскрсница и треба да одлучиме по кој пат ќe одиме. Најчесто тоа се патишта без патокази, патишта за кои дефинитивно не знаеме каде би можело да нè одведат. Ние, луѓето, всушност сме како кучињата, лаеме на сè ново и непознато. А, потајно стравуваме, смртно се плашиме да не го загубиме тоа што ни е познато.

Ако треба да одберете помеѓу две насоки, од која едната ве носи кон огромно богатство, а другата кон љубовта на вашиот живот, љубов како од бајките која би ја одбрале?

Која и да ја одберете, само да ви кажам дека патот нема да биде совршен, нема да можете да возите со посакуваната брзина и опасностите ќе ве демнат и на двата пата.

Ако го одберете патот кој би требало да ве однесе до богатство, заборавете на удобната перница, креветот и меките покривки. Нема да знаете кога е ден, а кога е ноќ. Ќе работите 24/7. Ќе се гушкате со документи, ќе се расправате со адвокати и нотари. Еднаш заработените пари ќе ве тераат да заработите дупло повеќе. Сè ќе мерите во валути. Ќе ве притискаат рокови и побарувања на компании. Ликвидност и солвентност ќе ви бидат двата најупотребувани збора. Ќе се дружите со банкари, директори, сметководители, ќе разменувате важни информации, но не и важни чувства. Еден ден кога ќе остарите, можеби ќе спиете на пари, но ќе сфатите дека тие не можат да ве сослушаат кога ви е тешко и не можат да ве прегрнат.

Ако го одберете патот кој ќе ве носи кон вистинската љубов, внимавајте на брзината. Пребрзото движење по тој пат може да ја убие романтиката. Ќе се откажете од собирите на кои треба да глумите нешто што не сте. Наместо излегување во елитен бар, ќе одберете софа, пуканки, филм и пиво. И тоа ќе ви биде сосема во ред. Ќе верувате во совозачот, слепо и безрезервно. Ќе вложувате натчовечки напори за љубовта да успее. Наместо финансии, безрезервно ќе го вложувате своето време и внимание во врската која сакате да успее во општество во кое искрените љубовни врски се осудени на пропаст. Нема да бидете во можност да си дозволите вила на егзотична дестинација, но ќе имате дом, спокоен, топол, убав, љубовен… Ќе жртвувате многу… Да, повторно нема да спиете. Ќе бдеете будни кога партнерот е тажен или децата се болни. Ќе се бркате со часовникот. Одвреме – навреме ќе уништите по некоја кошула, ќе го загорите ручекот, ќе се чудите на минусот на вашата сметка. На крајот од патот, ќе имате една рака која постојано ќе ве држи каде и да одите и неколку пара очиња кои молкум ќе ви се заблагодаруваат за сè што сте направиле за нив. На крајот од патот, ќе бидете престари за повторно да се вратите на раскрсницата, но доволно среќни затоа што парите може да изгорат, но не и душата.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот