Кои типови мажи треба да ги избегнувате?

0

Речиси не постои жена што успеала веднаш да налета на мажот од соништата. Пред идеалниот маж сигурно запознала „лигуш“ кој е себичен, без цел во животот. Ова се десетте типови мажи што треба да ги заобиколите, доколку постои можност.

Мускулест маж

Секоја жена сака маж со цврсти, развиени мускули, без стомак на кој може да си ја стави лименката пиво додека гледа фудбал. Но, доколку е опседнат со своето тело, тогаш сигурно не е за вас. И додека го читате ова тој е во фитнес центарот или се препотува на справите кои ги чува како сопствени деца. Не му пречи тоа што го прави зашто сака да биде посекси.

Фалбаџија

Неговите професионални достигнувања се неверојатни. Истото важи и за образованието. Од фалење на самиот себе не можете да дојдете на ред ниту да му честитате. Остава впечаток на егоист кој има проблем со воспоставувањето врска и одржувањето пријателство.

Здодевен музичар

Тие што се занимаваат со музика знаат како да ги освојат жените, има нешто секси во нив. Романтичните вечери ги прават незаборавни ако отсвираат или испеат нешто. Но можат и да ја упропастат целата работата ако се заборават. Целовечерното свиркање, исполнувањето песни од својот репертоар е повеќе од здодевно, особено ако нема причина за тоа.

Лажго

Наводно студирал во странство или ќе оди на специјализација, завчера пиел кафе со Министерката, се познаваат одамна и му ветила ќе го вработи штом заврши со научното усовршување. Не покажува заеднички фотографии зашто не сака да се шират гласини. Не го спомнува ни кафулето во кое седеле. И така до недоглед. Лагите стануваат толку големи што почнува да се губи зад нив.

Камелеон

Тој е човек што често ги менува своите уверувања и гледишта (заради корист, сигурност…). А кој сака да биде со тип што се однесува како да има ментално нарушување?! За среќа, не треба долго време за да го препознаете. Ако не му одите по ќеф, се претвора во пештерски човек. Од него можете да очекувате да ве игнорира, дури и да заборави да ве однесе дома.

Дар божји

Овој маж не престанува да зборува колку е добар во кревет за да помислите дека е благодет што го имате покрај себе. Се фали дека ги знае сите пози, дека ќе ве избезуми, дека ќе доживеете оргазам како никогаш порано. А сигурно не помислува дека можеби ќе се запрашате зошто ли се фали ако е толку добар во кревет?

Себичен

Денес ве бара за да му позајмите сто-двесте евра, утре ќе ве моли да го однесете кај вашиот пријател лекар, да го прегледа бесплатно зашто не е здравствено осигуран, а потоа нема да ви се јави две-три седмици, додека повторно не му затреба помош. Притоа е многу упорен. Избегнувајте го. Игнорирањето е единственото решение.

Зависник

Како да сфатите некого сериозно доколку е надуван секој ден!? На таквиот маж кажете му „не“ за сè што ќе побара од вас, без оглед на идеите, бидејќи фантазијата му работи триста на час и мисли дека може да направи сè, а всушност го бидува само да ви го испразни фрижидерот и да ви објасни дека компјутерот работи на струја.

Сезнајко

Ги следи буквално сите вести, дневници, а се информира и на интернет. Немојте ни да помислите дека може да згреши. Секогаш е во право. Пред да почнете расправија со него, размислете дали вреди. Никогаш нема да излезете на крај. Дури и за најмала ситница.

Играч

Нему жените му се игра во која навистина ужива. Зборовите „верност“ и „врска“ му се непознати. Дури и да ви каже дека сака љубовна врска на долги патеки, не му верувајте. Подготвен е да направи сè за да ве легне, и ќе го снема на изгрејсонце.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.