Кои години од животот се најдобро време за да станете мајка?

0

Одредена декада од животот на една жена носи и неколку причини за или против кога станува збор за бременоста.

На пример, во дваесеттите плодноста е на високо ниво и телото е подготвено да се справи со сите физички предизвици и телесни промени што ги носи бременоста. Во триесеттите години, жените се чувствуваат одлично, имаат кариера и се целосно подготвени да основаат семејство. Во четриесеттите пак, жените пленат со самодовербата која ја поседуваат и голем дел од нив немаат никакви финансиски проблеми кои би ги закочиле на патот кон основање на фамилија.

Па, има ли вистинско време кога една жена би требало да стане мајка?

Една неодамнешна студија спроведена во London School of Economics покажа дека бебињата чии мајки се породиле во триесеттите години од животот ќе бидат поздрави и ќе имаат повисок коефициент на интелигенција за разлика од бебињата чии мајки биле во дваесеттите или четриесеттите години од животот кога ги родиле.

Истражувачите кои работеле на оваа студија ги проучувале податоците на повеќе од 18000 деца на возраст од 5 години. Се покажало дека најдобри резултати на тестовите за интелигенција и когнитивни способности покажале децата чии мајки имале триесет и некоја година кога ги родиле.

Истражувачите исто така објаснуваат и дека жените кои во триесеттите години ќе станат мајки имаат неколку предности за разлика од помладите или постарите мајки. Пред сè, тие најчесто се омажени, сигурни во партнерот и врската и имаат финансиска и емоционална подршка од нивниот партнер.

„Според резултатите од анализата која опфати 18000 деца и нивните мајки се покажа дека најголем процент од жените во триесеттите се образовани личности, имаат повисоки примања за разлика од помладите мајки, најчесто се во стабилни врски, нивната бременост била планирана, свесни се за мајчинстовото и  водат грижа за своето здравје. Голем дел од жените во триесеттите кои се пушачи, а кои планираат бременост, на време се откажуваат од овој порок што придонесува детето да има посилен имун систем и повисок коефициент на интелигенција.“ – вели др. Алиса Гоисис која го предводеше ова истражување.

Секако, и во триесеттите, жените кои сакаат да забременат или веќе се бремени се соочуваат со проблеми како слаба плодност, ризик од спонтан абортус, потешко се справуваат со тежината која се добива за време на бременоста и сл, но сепак научниците се согласни дека триесеттите години од животот на една жена се најдобрите за таа да стане мајка.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар