Кога плакарот алармира – исчисти ме!

0

Свежо организираната облека не само што изгледа подобро, туку во неа лесно ќе се снајдете и ќе си одберете убава комбинација, што значително ќе ви го скрати времето во секојдневното дотерување. Од огромна помош е кога знаете дека сè што се наоѓа во вашиот плакар е искористливо и можете да го облечете.

Кога плакарот ви е затрупан со непотребни крпчиња, од кои некои датираат уште од средното училиште, можеби е време да се фрлите на работа – средување на плакарот!

Почнете од почеток 

Најпрво извадете се од плакарот, па избриштете ги сите полици. Ова е само подготовка за она што ве чека, а бидејќи за средувањето ќе ви треба време, направете го кога ќе имате малку повеќе слободно време, на пример за време на викендот.

Распределете 

Внимателно  проценете што треба да ставите во плакарот. Целата облека здиплете ја во неколку купчиња, зависно од нејзината намена и видот. Разделете ги маиците со куси ракави од блузите, џемперите од фустаните, зимските панталони од тенките здолништа. И бидете сурова: едноставно фрлете ги сите парталчиња кои сте ги прераснале, кои се излитени од носење, што ви се тесни или  не можете да ги носите од било која причина.

Сочувајте 

Додека ја селектирате облеката од плакарот, задржете ја само онаа што ја носите и која навистина ви прилега. Ако за некои парчиња не сте сигурна и сметате дека можеби постои шанса да ги облечете, таквата облека тргнете ја на страна и ставете ја на некоја подолна полица. Но ако и по месец – два не облечете ниту едно парче од таа облека, тогаш е време  да ја фрлите.

Организирајте 

Oблеката организирајте ја на начин кој најмногу ви одговара за во одреден миг да знаете каде што ви стои и да не морате да го прекопате целиот плакар за да најдете нешто. Она што најчесто го носите ставете го таму каде што најлесно ќе го дофатите, а некаде одзади ставете ја облеката која, на пример ќе ја носите следната сезона.

Координација на боите 

Ако сакате целиот плакар да ви е нареден како под конец, тогаш  облеката наредете ја по бои. Така на пример, ако денес сакате да го носите црвениот фустан, веројатно полесно ќе го најдете во купчето со црвена облека.

Изедначеност 

Делот од плакарот каде што ви стојат закачалките наредете го така што на едниот крај ќе ги закачите капутите и палтата, па наредете ги костумите, на крај завршете со потенката облека. Ако ви недостасува место, избегнувајте ги дрвените закачалки.

Препознајте ги празнините 

Кога ќе ја организирате и средите облеката во плакарот, откријте ги „дупките“ или деловите кои недостасуваат. Запишете си што се ви недостасува, па кога ќе тргнете во шопинг точно ќе знаете што да барате и што да купите. Со ваква листа ќе се спасите  од импулсивното купување и залудното трошење пари.

Бидете дисциплинирана 

Кога веќе сте  го средиле плакарот, таквата состојба одржувајте ја и во следниот период. Кога земате едно парче облека потрудете се останатите парчиња да останат наредени и на своето место. И по перењето на облеката потрудете се да ја наредите на истите места на кои стоела.

Редовно одржување 

На крајот на секоја седмица или барем на крајот на месецот отворете го плакарот за да го реорганизирате. Во прв план ставете ја облеката која најмногу ќе ви треба во следните денови, а наредете ги и оние парчиња облека кои набрзина сте ги извадиле.

Не заборавајте на хигиената и мирисот 

Повремено отворете ги вратичките на плакарот и оставете го отворен прозорецот во собата. Од време на време пребришувајте ги полиците и редовно чувајте благ ароматизер кои ќе му дадат пријатен мирис секојпат кога ќе го отворите.

 

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот