Кога инженерите грешат; УКРАИНСКАТА ХИРОШИМА

0

Доцна во ноќта, на 25 април 1986 година, група инженери и техничари започнуваат безбедносна проверка на реакторот број 4 во електраната „Ленин“. Нуклеарната централа е лоцирана на околу 130 километри северно од украинската престолнина, Киев, на околу 20 километри јужно од границата со Белорусија, во гратчето Припјат, недалеку од градот Чернобил. Нуклеарката имала четири реактори, а секој од нив можел да произведе 1000 мегавати електрична енергија.

Заради непринципиелно извршената контрола на системот за ладење на реакторот број 4, температурата во него почнала нагло да се зголемува. Течноста за разладување прегреала и почнала да се претвора во пареа. Во паника, техничарите го активирале тастерот за итно исклучување на реакторот, но веќе било предоцна. Состојбата излегла од контрола и наскоро во реакторот се формирала голема огнена топка која го разнела капакот на комората. Преку отворот почнале да се ослободуваат огромна количина радиоактивни честички. Опасниот облак, помогнат од пролетниот ветар, набрзо се проширил низ делови од Украина и Русија, а потоа и низ Белорусија и северниот дел од Европа.

Сите 32 лица што се наоѓале во централата починале неколку месеци по катастрофата. Од околните градови биле евакуирани десетици илјади лица, со уверение дека „сѐ ќе се среди наскоро“ и оти за 3-4 дена ќе се вратат во своите домови. После несреќата никој не се вратил, а Припјат и денес е град на духови.

Во 2005 година, ОН објави дека околу четири илјади лица починале како последица на болести предизвикани од оваа досега најголема нуклеарна катастрофа во светот.

Пожарникарите и вработените во нуклеарната централа се бореле со огнот полни 10 дена.
Повеќе од 4.700 квадратни километри површина околу централата се одбележани како место непогодно за живот. Околината ќе се смета за небезбедна барем уште еден век.

Шумата која се наоѓа во близина на електраната денес се нарекува Црвена шума. Своето име го доби откако лисјата од дрвјата добиле портокалево-кафева боја поради високото ниво на радијација после несреќата.

 

Реакторот бил покриен со „саркофаг“, набрзина изградена заштита од бетон и челик, кој лани е обновен со нова купола што ќе спречува радијација во наредните 100 години.

Трите останати реактори на Чернобил повторно беа рестартирани, но на крајот сите беа затворени, а последниот во 1999-та година.

ЧИЈА Е ОДГОВОРНОСТА?

 

Виктор Брјуханов, роден 1935 година бил директор на нуклеарната електрана. Тој 25 април се наоѓал во Киев, а надгледувањето на системите му го препуштил на неискусниот Анатолиј Дјатлов.

 

Анатолиј Дјатлов, (1931 – 1995) заменик главен инженер кој ја надгледувал контролата над системите и според сведочењата поттикнувал продолжување на дејствата и покрај неповолните мерни отчитувања и забелешките на техничарите.

 

Михаил Горбачов, роден 1931 година, Генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, кого многумина го обвинуваа за прикривање на катастрофата, што предизвика дополнителни штети од радијацијата во регионот и пошироко.

 

Подготви: Др. Тарот

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот