Книги кои ве носат во нови, неоткриени предели

0

Без разлика на тоа колку сте зафатени со работните обврски, веќе испланираните журки со пријателките и долгите седенки, најдете време за да прочитате нова книга. Читањето ги подобрува мозочните функции, ви го збогатува речникот и ве носи во нови, неоткриени предели со сосема нови пријатели кои вреди да ги откриете.

Хирург – Тес Геритсен

Хирург е возбудлив трилер со многу психолошки елементи и морничави описи. Книга која откако ќе ја прочитате долго време нема да ја заборавите. Станува збор за медицински трилер во кој има лик на убиец кој убива со таква прецизност што за него се верува дека има медицинско образование, затоа весниците му го даваат прекарот „хирург“. На некој начин убиецот навлегува во психата на своите жртви, ги сфаќа нивните најскриени стравови, а потоа ужива додека ги убива. Неговите жртви се ранливи и неспособни да му пружат отпор. Кој е овој човек и што се крие зад неговата монструозна појава?

knigi2104 (4)

Чиракот на архитектот –  Елиф Шафак

Заедно со необичниот дар за султанот, во отоманската престолнина пристигнува и малиот Џахан, кој го има само Чота, мудар и редок бел слон. Како скротувач во царската менажерија, тој се спријателува со султановата ќерка Михрима и се вљубува во неа. По игра на судбината, момчето го запознава главниот царски архитект Синан, кој го зема под своја закрила, и заедно со слонот ги создаваат највеличествените градби во историјата. Но, додека ги градат овие ремек-дела, меѓу четворицата чираци на мајсторот се јавува завист, а под површината се насетуваат опасни струи…

knigi2104 (2)

Тринаесеттата приказна – Дајан Сетерфилд

Што би одговориле ако некој ве праша за вистинската приказна за вашиот живот? Ќе му раскажете ли потполно сè  или ќе ги скриете работите кои не ви се допаѓаат? Во таква ситуација се наоѓа прочуената писателка Вида Винтер која е тешко болна и има потреба да ја разоткрие вистината за себе. Нејзиниот живот е мистерија и таа секогаш одбегнувала да зборува за минатото, но сега чувствува дека е време да ја раскаже приказната за својот живот. Токму затоа ќе ја повика Маргарет Леа, која пишува биографии, но живее осамен живот и самата се соочува со демони од минатото. Приказната на Вида Винтер се отплеткува полека, за на крајот да останете сосема изненадени од расплетот.

knigi2104 (1)

И планините одекнаа –  Халед Хосеини

Прекрасен роман кој ќе ве запознае со сето она кое не го знаете за Авганистан и начинот на живот таму, кој во текот воениот конфликт станува уште полош од што претходно бил. Сосема поинаква култура, сосема поинакви обичаи, претставени преку зборовите на Халед Хосеини ќе ве натераат да размислите за врските меѓу луѓето кои нè дефинираат нас но и нашите животи. Трогателната приказна за нераскинливата врска меѓу Пари и нејзинот постар брат Абдула, кои растат без нивната мајка во едно авганистанско село и она што ќе им се случи ним е совршен доказ за моралната сложеност на животот, покажувајќи како членовите на семејствата се љубат, почитуваат и жртвуваат за луѓето кои ги сакаат.

knigi2104 (3)

Шепотот на кипарисите –  Ивет Манесис Корпорон

Возбудлива приказна за минатото и иднината, за судбината и љубовта, во која се испреплетуваат митови, магија и живописни ликови. Како ќерка на грчки емигранти, Дафне чувствува дека животот немилосрдно поминува покрај неа. Но, кога по доживеаните семејни трагедии успева да застане на нозе, се чини дека полека го остварува американскиот сон. Станува успешна деловна жена и запознава млад, амбициозен и богат човек за кого треба да се омажи… Меѓутоа далеку преку Океанот, една старица може да насети дека нејзината љубена внука не е среќна и ја повикува да дојде на родниот остров. Дафне се враќа со големи планови, но судбината ѝ подготвува нешто друго…

knigi2104 (1)

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот