Клуч – предмет, симболика, суштина и значење

0

Од многу одамна се прашувам кој е зборот кој најчесто го употребувам кога дискутирам на различни теми, реализирајќи различни проекти, справувајќи се со различни проблеми. Правејќи ја анализата сфатив дека клучниот збор кој ме следи во секојдневното функционирање е всушност клуч!

Кога некој ќе го спомне овој термин вклучувајќи се и себе си, всушност не асоцира само на предмет кој ни ја отвора вратата од можностите на новиот ден. Клучот е чекорот кон новиот предизвик кој ни го дава животот штом ќе излеземе од сопствениот дом.

Клучот, мал метален предмет, со кој се отклучува и се заклучува брава од врата. Тоа е основната намена за која што и се користел, но денеска може да се јави во најразлични облици, форми и намени како клуч од автомобил, клуч кој се користи во механика, клуч од винарски визби, клуч код, клуч од биро, клуч за сеф, клуч за отворање на шишиња, виолински клуч и сл. Неговата постојна употреба се наметнува секој од нас да поседува повеќе клучеви за различни намени.

Ако се навратам на минатото, морам да кажам дека првиот клуч врз кој имав тотална сопственост беше клучот на мојот споменар. Тоа беше клучот на мојата фантазија, мојата имагинација, моите мечти, мојата лична сопственост, клучот на мојата тајна.

Клучот не е само обичен предмет, големината на неговата симболика е многу значајна. Клучот е симбол кон откривање на непознатото, отворање на вратите кон можностите, слободата, знаењето, љубовта. За да се пронајде нешто на интернет потребно е да го знаеме клучниот збор за да дојдеме до саканиот резултат, информација. Креирањето на e-mail адреса побарува да се креира клуч (password ).

Во приказната за Снежана и седумте џуџиња постојат два клуча. Едниот клуч ја затвора вратата на животот на Снежана со гризнување на јаболкото, додека пак бакнежот од принцот е клучот за среќен живот. Истото се случува со Пепелашка, нејзиниот клуч за среќен живот е средбата со Добрата Вила.

key-in-hand

Клучот е збор кој често го употребуваат политичарите, на многу пати сме чуле изјави каде што некој политичар ќе кажеКлучот на успехот е во рацете на власта” . Во оваа област тој збор симболизира моќ, власт, авторитет и слично, како онаа на Рускиот Цар Петар Велики, Кралицата Елизабета II, Владимир Путин, Јосип Броз Тито, Владимир Илич Ленин, Кемал Ататурк, Султан Сулејман, Марија Терезија, Ричард Лавовско Срце и други.

Легендарниот Али Баба стигнал до своето богатство благодарејќи на еден и еден единствен клуч Сезаме отвори се”. Овие магични зборови ги користев еднаш кога си го изгубив клучот од дома.

Клучот како предмет е создаден уште во времето на стариот Египет. Древните народи го користеле за да ги затворат дрвените направи(вратите) и да се заштитат од натрапници. А потоа како поминувало времето клучевите биле правени еднакво на големите уметнички дела, од метал, злато, сребро, декорирани со најразлични благородни камења и тешки по неколку килограми.

Низ вековите, па и денес заљубените го применуваат ритуалот на заклучување на катанец на ограда од река, а клучот го фрлаат во реката, како завет за вечна љубов. Клучот за одржување на вечната љубов не е само овој ритуал, туку љубовта, пријателството, компромисот.

Постојат луѓе кои се разочарани од својот начин како флуктуираат низ животот, па често и кажуваат, не можам да го најдам клучот на среќата или Го заклучив срцето дури и за себе”.

Врвните готвачи имаат клучни состојки, зачини и слично кои ги користат за од храната да создадат уметност на вкусови. Научниците користат клучни елементи во нивните состојки за да имаат успешен експеримент. Секој од нас треба да размисли кои се клучните елементи за подобар и посреќен живот, додека пак за вистинско пријателство е во взаемна искреност, добро избраниот и кажан збор. Тој клуч – збор е најскапиот клуч создаден од карактерот на човекот, па затоа на овие простори и често се користи поговорката Добриот збор, железни врати отвора” !

Бранкица Анѓелевска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.