Ќе добијам ли отказ ако побарам повисока плата?

0

Колку пати сте го помислиле ова? Колку пати ви се случило да сакате да пуштите глас, да се изборите за себе и за своите права и во последен миг да се премислите и да премолчите?

Признајте, премногу. И не сте единствените. Ова ни се случува буквално на сите, без исклучок. Стравот од губење на работата е посилен од желбата да добиете нешто подобро за себе. До кога вака?

Приказната оди вака – всушност, не е ни приказна ако сите се пронајдеме во неа.

Се вработувате во некоја компанија – голема, мала, приватна, државна… И пред да почнете да работите договарате буквално сè: кои ќе бидат вашите работни задачи, кога ви започнува и завршува работниот ден, кога ќе ви пристигне платата, можни бонуси, работа за викенд. И подготвени сте за тоа.

И навистина, во првите 3-4 месеци работите одат онака како што очекувате. И сè е супер. Вие сте среќни, задоволен е и вашиот работодавач. Си мислите „На почеток сум, не е лошо да се покажам“, па почнувате да подработувате и работи што можеби не се ваши, ама се надевате дека тоа ќе ви донесе поени кај шефот и бонус во платата следниот месец. Шефот се смешка, ама платата останува иста.

И додека платата не се менува, се менува сè останато. Вашиот шеф почнува да бара да останете барем половина час повеќе, да завршите денес тоа што не може да остане за утре, па одеднаш потчукнувајќи ве по рамо, и со коментар „Не знам што би правел јас без тебе“, ви додава уште еден куп документи.

Оној половина час се претвора во два, слободните викенди се мислена именка, а прекорувањата ако работата не е завршена на време (иако сега веќе работите за двајца) се сè погласни.

download

Тоа што до вчера ве мотивираше, сега ве демотивира. Сфаќате дека сте влезени во тркалото што почнува да ве „меле“ и од коешто не можете да избегате. Почнувате да се нервирате на работа, почнувате да грешите, а целата таа нервоза ја пренесувате на домашните, на партнерот, на пријателите.

Колку долго можете да издржите вака зависи од вашиот карактер. Дали сте доволно силни да се соочите со притисоците без да „пукнете“? Во еден момент чашата се прелева, бидејќи капка по капка се наполнила со текот на времето. И тогаш решавате мора да ми дадат поголема плата, ако веќе работам за двајца. Дали сте доволно храбри да го побарате тоа што навистина го заслужувате? Што ако ја загубите работата?

Верувајте, првиот чекор е секогаш најтежок. Се борите во себе, страв ви е да му се спротивставите на шефот или на директорот, се плашите дека работата потоа може да ви виси на конец, а со тоа и егзистенцијата.

Бидете позитивни. Верувајте во себе.

Ако работите за двајца, заслужувате и да добивате поголема плата. Ваше право е да побарате.

Точно, според најцрното сценарио може и да ја загубите работата. Мислите дека нема да најдете нова – се лажете. Секој сака добар работник.

Но, најчесто не е така. Ќе слушнете изговори дека фирмата е во криза, дека сега не е момент за тоа, дека ќе размислат затоа што знаат колку напорно работите и дека веќе планираат да ве наградат, ама ќе мора уште малку да причекате…

Сега вам ви останува најтешката одлука: дали да продолжите да работите колку за тројца додека ве плаќаат за еден или да го направите најголемиот чекор – да си дадете отказ и да најдете нешто подобро.

Не е толку страшно колку што ви звучи. На крајот на денот, ако шефот не ве цени, ценете се самите себеси. Време е за големи одлуки, а запамтете дека секој промена е добра во животот.

Среќно!

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.