Како нашите баби ги толкуваа соништата

0

За разлика од денес, кога скоро сите информации и одговорите на сите прашања ни се достапни на интернет, пред педесетина години тоа не било така. Кога на пример, сонуваме некој чуден или интересен сон, значењето на сонот веднаш го бараме на интернет, но како нашите баби ги толкувале нашите соништа во времето кога поим немале што е компјутер, а не пак интернет пребаравуч…

Затекната од ваквото прашање, се сетив колку ми недостигаат моите две баби. Но, за среќа си ја имам баба Донче, која живее веднаш до мене. Утрово, ја посетив. Како и по обичај ме послужи со црно кафе и колачиња (таа е жена која секогаш има колачиња и секогаш е подготвена за гости). Ја запрашав како таа и нејзините другарки кога биле девојки ги толкувале соништатата.

Баба Донче ми кажа дека си барале одредена симболика во сè што сонувале, за некои работи ги прашувале мајките, за некои бабите, за некои страшни сонови барале помош и од селските попови. Да сонуваш мачка значи несреќа, оти од памтивек е останата симболиката на црна мачка за зло и мачката има ѓаволски очи, да сонуваш куче означува дека саканиот ти е верен, баш ко куче. Сонувањето на нови чевли означува нова љубов, оти чевлите асоцираат на тоа дека тргнуваш некаде. Во случајов, тргнуваш кон љубовта. Да се сонуваш со долга коса, значело дека на душата ти е тешко. Со кратка пак, дека на душата ти е убаво. Да се сонуваш со белегзија, ќе се омажиш, со прстен, некој твој близок ќе стапне на лудиот камен… Да се сонуваш бремена, те очекуваат тежини и проблеми. Да сонуваш умрен, ќе бидеш здрав. Да сонуваш жив ко умрен, тој ќе биде здрав. Да сонуваш дрва ќе бидеш богат, оти пред години, богатите имале најмногу дрва. Да сонуваш река или езеро, тоа шти посакуваш ќе ти се оствари, ко вода ќе ти дојде дома. За многу од значењата и сама не знаеше од каде дошле, едноставно така и ги пренела баба и.

Додека го допивав кафето, сфатив колку нивната симболика има логика. И уште еднаш си потврдив дека технологијата не ни откри нешто многу ново кога се работи за толкување на симболите.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот