Како да станете незаменливот работник без кој шефот нема да може?

0

Ја добивте работата која ја посакувавте и се што сакате е деновите да минуваат со помалку стрес и неизвесност што ќе се случува во иднината? Многу луѓе мислат дека работењето без стрес и стравови е невозможно, но вистината е сосема поинаква. Не само што е возможно, туку и сето тоа зависи од вас самите!

Најчест став за оваа тема е дека работниот статус најмногу зависи од шефот кој ви е надреден. Како тој се чувствува во однос на вас, така и вашето работно место ќе биде повеќе или помалку загарантирано. Стресот на работа зависи од неговото дневно расположение. Ова е делумно точно, но не и во целост. Голем дел од вашиот напредок на работа зависи од вас.

Да тргнеме од вашиот почеток на работа. Иако сте веројатно квалификувани за работата која сте ја добиле, сепак многу нови работи ќе мора да научите за новата компанија и нивниот начин на работење. Ова се однесува на процедурите и правилата на работа кои се разликуваат од една до друга фирма. Секоја посериозна компанија има низа процедури кои ги задржува во текот на годините со цел работата да напредува или пак да се движи во својот стандарден тек.

Но, не секаде се почитуваат правилата. Кога сте на почеток, почнувате да ги увидувате грешките на своите колеги и станувате свесни дека некои од нив помалку работат од останатите или пак воопшто не ги почитуваат правилата на работење. Тогаш вие имате избор. Или да се придружите на колегите “неработници“ и наскоро да станете “заменлива роба“, или пак да почнете со многу посериозен пристап и да бидете подобри од нив, со тоа што вредно ќе работите и ќе се држите до сите правила. На долга стаза ова е најдобро решение, но ќе наидете на можност колегите да почнат да гледаат опасност во вас. Во овој случај, најдобро е да си ја работите својата работа, но да избегнувате да ги советувате како треба да се работи. Луѓето не сакаат критики.

Веројатно многумина сметаат дека нивниот шеф не е ништо подобар од нив или пак квалификуван за работата која ја работи, сепак факт е дека тој е на повисока позиција од вас и таму и ќе остане. Најдобро е да се “вооружите“ со знаење и способност, како вашиот шеф би ве оставил на мира од критики и постојано набљудување. Доколку воочите некој проблем, пред да го претставите пред останатите, обидете се да најдете решение кое може да го предложите. Така колегите и шефот ќе имаат доверба во вас дека вашата способност ќе помогне да напредува компанијата и на тој начин ќе ја загарантирате својата позиција на повисоко ниво.

Она што е можеби најважно е дека многумина сметаат дека работат за шефот или компанијата. Тоа не е точно. Секој од нас работи за себе! Работењето на себеподобрување е она што е најважно во професионалната кариера. Не треба да се плашите од многу работа, учење на нови знаења и совладувања на нови вештини. Сето тоа е корисно само за вас долгорочно.

Така и вашиот надреден ќе ги согледа вашите способности и со сигурност нема да си дозволи да изгуби одличен работник со кој компанијата може само да напредува.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.