Како да се преживее првиот ден на новото работно место

0

Првиот работен ден на нова работа носи многу стрес. За да го намалите стресот, а во истото време да успеете да се претставите блескаво, потребно е да знаете што сè треба да направите за да се подготвите.

Една недела пред да започнете со работа, потврдете ја датата на која треба да се појавите на работното место. Исто така информирајте се и за точната локација на фирмата.

Ако одите со автомобил, дознајте каде можете да паркирате во околината или дали фирмата има свој паркинг. Доколку користите јавен транспорт, планирајте го вашето патување, за да не си дозволите да доцните на првиот работен ден. Никој нема да биде воодушевен ако задоцните и започнете да се правдате со големата утринска гужва во сообраќајот. Не одете ни премногу рано. Покажете дека сте точна личност и појавете се максимум 10 минути пред почетокот на работното време.

0ac45244-4af3-478f-b5d6-3feb187fdf20

Информирајте се за тоа дали фирмата има одреден дрес-код кој треба да го почитувате и подгответе си соодветна облека. Најдобро е на првиот работен ден да носите конзервативна облека. Не би требало уште на почетокот да се истакнувате, за да не соберете злобни погледи. Професионалниот, конзервативен изглед секогаш помага.

Истражувајте по весниците и на интернет и пронајдете колку што можете повеќе за дејноста на компанијата и сферата во која функционира. Така ќе бидете поспремни и посамоуверени на првиот работен ден и нема да се чувствувате како изгубени.

Бидете пријателски расположена и запознајте се со сите колеги. Обидете се да ги запомнете имињата на сите. Така ќе покажете дека сте заинтересирана. Кога комуницирате со вашите нови колеги, внимавајте на знаците кои ги испраќа вашето тело. Бидете опуштени и изгледајте самоуверени. Воспоставете директен контакт со очите и насмевнувајте се. Но, избегнете ги озборувањата! Многу е веројатно дека вие ќе бидете основна тема на озборувањата тој ден. Но, ако случајно пред вас започне непријатен муабет, љубезно извлечете се. Сигурно не сакате уште веднаш да ви стават етикета на озборувачка.

Нормално е да поставувате прашања на првиот работен ден. Тоа нема да ве направи да изгледате неспособни. Подобро е да прашувате и да знаете како се прават работите, отколку да претпоставувате дека знаете, а всушност да правите сè погрешно. Слушајте и набљудувајте. На првиот работен ден, најдобро е да слушате и внимателно да набљудувате што се случува околу вас. Запомнете дека вие сте новата и дека подобро е да слушате, отколку да зборувате.

Првиот работен ден може да биде многу напорен, но ако сте подготвени за сè што ве очекува, подобро ќе можете да се концентрирате на тоа што ќе го учите и работите таму, без да се расејувате. Со среќа!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот