Јас. Елегии – Михаил Ренџов

0
Јас. Елегии – Михаил Ренџов

Пишан ми е животот, допишан,
Со реченото и прореченото,
На првата ноќ од раѓањето
До првиот крик на паѓањето

Со весталките небесни,
Со ангелите прекрасни,
Со реченото и прореченото
Од небесата навестеното.

Пишан ми е и животот и доста,
Сѐ друго е додаток на злоста
И пакоста. Доста.

Од пишаното бегство нема,
Од реченото и пресеченото, исто,
Излезено од срцето бистро. Чисто.

3.
(на Лилјана)

Таков сум – каков што сум:
Не безгрешен, туку грешен,
Гладен, страден, безутешен.
Таков сум – како што сум,

Немирен и смирен, недопирен,
Смислен и обмислен, лај-ветер,
Дуни-магла, сетен и несетен
Смирен, мирен, недопирен.

Во небото и во себе загледан,
Со нечестивиот споредуван
Сам, без сенка и со сенка,

Семка која цути, а и раѓа,
Птица која лета, а и паѓа,
Именка која оди, не се враќа.

9.

Се видов себе пред дното,
Пред заодот, пред злото,
Излезено од внатре, од мене,
Се видов себе, пред себе,

Пред скришното, пред своето,
Потемнето, безгласно, но опасно,
Пред своето лошо и пакосно,
Пред своето темно и нејасно.

Се препознав, пред да се осознам
Го видов оној кој не го знам
Во мене свиен и подвиен,

Оној Јас, во час безгласен
Ни онемен, а ни гласен,
Ни сотрен, а ни спасен.

 

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.