„Изгледаме и се чувствуваме подобро кога изгледаме како вистинските ние.“ – Интервју со Eduardo Ferreira, реномиран мејкап артист

0

Ви го претставуваме Eduardo Ferreira – реномиран мејкап артист и еден од генијалците кога станува збор уметноста во шминкањето.

1. Господине Ferreira, дали можете да ни кажете како започна Вашата кариера во светот на убавината? Што Ве доведе до кариерата во Bobbi Brown?

„Откако ги завршив студиите по економија на Универзитетот во Португалија, 10 години работев во областа на банкарството, по што започнав како мејкап артист во 1999та година. Не се чувствував среќен со изборот на мојата професија и сакав да правам нешто покреативно, нешто што вклучува боја и е поврзано со модата или јавниот свет. Беше тешко да се донесе таква одлука за промена.

Имав навистина многу пријатен живот, барем така мислев се додека од нигде никаде се случи најдобрата работа во мојот живот. Имав сообраќајна несреќа во која што на крајот преживеав. Кога се разбудив помислив: “Какво губење е на животот, ако не успеам да ги исполнам моите сонови и страсти, само поради чувството на стабилност.“

Тоа беше кликот! Одлучив да ресетирам многу аспекти од мојот живот, вклучувајќи ја и својата кариера. Се променив како личност. Тогаш, после опоравувањето на моето лице (што ме чинеше 4 операции и 3 години), одлучив да одам на одмор во Индија.

Не поради мистични цели (воопшто не сум мистичен), сакав да бидам хипик на неколку месеци, па тоа и го сторив. Се заљубив во боите, пејзажите, во постојаното сензорно искуство и сфатив дека не ни се потребни многу пари за преживување и дека квалитетот на животот не е поврзан со пари, туку со среќа. Тогаш одлучив: “Јас ќе бидам мејкап артист.“

Никогаш претходно немав шминкано, но цртањето беше мое хоби. Кога се вратив во Португалија, дадов отказ и му кажав на светот за мојот избор. Никој не ме подржа и сите околу мене мислеа дека сум го изгубил разумот. Од таму приказната е вртоглава.

После 2 месеца запознав многу шармантна дама на еден настан во Лисабон и ѝ ја раскажав мојата животна приказна. На крајот од настанот таа ме покани да ја посетам во нејзината канцеларија и ми ја даде својата визит картичка. Во тоа време таа беше бренд менаџер на Clinique во Португалија.

Започнав како промотер на посебни настани. Во меѓувреме, во слободно време работев бесплатно како фриленсер, асистирајќи на друг артист при една мала модна недела. Така дознав дека всушност поседувам талент за шминкање, но исто така и за комуникација и подучување. За една година се префрлив во M·A·C и станав многу познат во Португалија. Тогаш, во 2002ра година BOBBI BROWN започна во Португалија и јас бев поканет да бидам национален артист и обучувач. Во исто време често се појавував на телевизија и започнав да објавувам туторијали.

Потоа ja запознав Боби лично и ја започнав мојата интернационална кариера. До ден денес сум среќен за онаа сообраќајна несреќа поради која се промени целиот мој живот.“

2. Што сметате дека е Вашето најголемо постигнување во кариерата до сега?

„Тоа што сум инспирација за другите артисти и способноста да ги збогатам како артисти и личности.“

3. Што значи работењето со толку голем гигант како Bobbi Brown од светот на убавината? Дали има посебни услови, стриктни правила, како и бенефиции од тоа?

„ Да. Секој бренд има своја филозофија и пристап. За да работиш и да останеш таму треба да ги поседуваш истите верувања и стил. Јас сум во Bobbi Brown скоро 15 години бидејќи верувам дека шминката треба да ја подобри природната убавина, наместо да го трансформира ликот. Сакам да го истакнам најдоброто од сите. Исто така, сакам кул, шик стил. Сето тоа е BOBBI BROWN. Предности се логистиките на брендот што се достапни за сите вас. Никогаш не сум помислил дека можам да останам толку долго во еден бренд и секој ден да ја чувствувам истата возбуда. “

4. Која е филозофијата на Bobbi Brown и како Вие гледате на истата?

„Како што напоменав претходно, подобрување на најдобрите карактеристики на жената, наоѓањето на најдоброто „Јас“ кај сите.“

5. Што најмногу Ви се допаѓа во вашата работа? И што е најтешкиот дел од работата?

„Најмногу ми се допаѓа можноста да го истакнам најдоброто од секоја жена што ќе ја допрам и исто така способноста да го споделувам и пренесувам моето знаење и искуство на артистите во мојот тим.“

6. Како би го опишале Вашиот стил и што Ве прави различен од останатите мејкап артисти?

„Јас сум опседнат со беспрекорна, негувана кожа која изгледа како да нема шминка. Сакам шик и елегантно, па затоа сум за она “помалку е повеќе“ и се фокусирам на најдобрите делови од лицето што го шминкам.“

7. Каков вид на работа преферирате? Шминка за фотографија, за филмови или модно шоу? И зошто?

„Дефинитивно сакам фотосесии. Сакам да соработувам со добар фотограф кој го познава светлото. Исто така сум перфекционист, сакам да се предизвикувам самиот и да нашминкам без потребни корекции. Ја сакам и атмосферата во бекстејџ.“

8. Дали работите со славни личности и какво искуство имате? Дали се фини, забавни, интересни…?

„Не правам никаква разлика, кого и да допрам за мене е славна личност. Јас само им се воодушевувам на жените. Најголема награда е кога некој вистински ќе ве прегрне и ќе ви рече: “Никогаш претходно не сум се чувствувала толку убава.“

9. Што е прво нешто кое го забележувате на женското лице? Кои се најголемите грешки што жените ги прават при избор и нанесување на шминка?

„Кожата – дали течната пудрата, коректорот и камената пудра се видливи или невидливи. Најголемата грешка? Верувањето дека шминката може да ве трансформира. Така само го привлекувате вниманието на помалку атрактивните делови.“

10. Дали можете да изберете еден производ што секоја жена треба да го користи секојдневно?

„Да, можам. Маскара.“

11. Кога станува збор за мажите – на што треба да обратат внимание при грижа за лицето?

„За среќа ние сме свесни дека е подобро да изгледаш и да се чувствуваш добро отколку да не изгледаш и да не се чувствуваш добро. Кога имав 20 години, беше необично за еден маж да посетува спа и да прави ексфолијација. Но, не повеќе. Ексфолијацијата е клуч за да се зачува кожата, да изгледа поздраво, но и помага при бричење. И на мажите им е потребна добра крема за очи, серум против стареење и крема за хидратација. Згора на се, потребно е да се хранат добро, да вежбаат, да пијат големи количини вода. Исто така важно е да не пушат цигари и пред се да се смејат!

12. Што претставува убавината за Вас? Како би ја дефинирале?

„ Убавината за мене е едноставност, самодоверба и природна елеганција. Сакам да гледам кога луѓето имаат уникатен стил.“

13. Кои производи мора да се поседуваат во наредните сезони и кои се „најжешките трендови“ за убавина?

Природниот изглед е во тренд. Пудрата која нанесена изгледа природно и одлично и прилега на кожата. Силен фокус се дава на усните со мат и полу-мат текстура.

Како и да е, ми се допаѓаат затемнетите усни (луд сум за нашите нови Crush Lip Colors), дефинираните веѓи, многу маскара и сенки за очи со неверојатна текстура (почекајте ги новите Luxe Eye Shadows!).

14. Конечно, која е пораката што сакате да ја пренесете преку Вашата работа?

„ Дека изгледаме и се чувствуваме подобро кога изгледаме како вистинските ние.“

Порака до сите повозрасни жени:

За брчките тој вели: „ Wrinkles are “lines of passion” and you’re not older – you’re vintage baby!”

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.