ИНТЕРВЈУ Анжелика Колева – Најзастапениот лик во моите дела сум самата јас и моите емоции

    0

    Анжелика Колева во македонскиот ликовен свет е позната како жената што има несекојдневен начин на сликање – почесто слика со прсти отколку со четки, сака да разлева бои и ги преферира неконвенционалните уметнички форми, па својата испирација, а тоа е ликот на жената, многу често ја поставува на стари, оштетени грамофонски плочи. Нејзините плочи наскоро ќе можат да ги видат сите љубители на уметноста, бидејќи оваа исклучителна жена подготвува изложба на која ќе бидат претставени единствено тие.

    Како почна вашата уметничка приказна?

    „Од мала ја љубам уметноста. Креативноста ме следи откако знам за себе. Со задоволство ги посетував часовите по ликовно, цртав насекаде. Подоцна почнав да создавам необични уникатни парчиња гардероба за себе, додатоци и слично. Сето тоа делуваше малку чудно, но тоа бев јас. Необичноста и уникатноста секогаш ме привлекувале.“

    10477069_10154356425868488_3465059071889220219_n

    Како започнавте да сликате и да „обработувате“ грамофонски плочи за да ги претворите во уметнички дела?

    „Започнав да сликам на грамофонски плочи кога имав само 16 години. За прв пат отидовме на одмор сами четири другарки без родителите, во камп во Струга. Една вечер излеговме во најблиската дискотека каде што се доделуваа некои награди. Јас добив награда за стилот на облекување па бев наградена со грамофонска плоча од Dire Straits. Одејќи си накај кампот ја заборавив плочата во автомобилот на еден другар кој нè превезуваше до кампот. Ми ја врати плочата уште наредниот ден, но целата беше извиткана од топлината во автомобилот. Не сакав да ја фрлам, па почнав да истурам восок и бои на неа пробувајќи да добијам убава слика. И навистина излезе убава, необична слика. Оттука почна разлевањето на боите и сликањето на плочи. Почнав да ги цртам и плочите на мојот татко, а тој ги имаше доста голема колекција бидејќи беше љубител на музиката. Цела соба ми беше преплавена со слики од грамофонски плочи. Многу подарив, но и продадов. На плоштадот во Скопје во тоа време секоја година се одржуваше новогодишен панаѓур, па излегов со плочите таму. Со помош на моите другари продадовме сè. Мило ми е што и денес некои од нив чуваат од тие дела. Сепак се години во прашање, им благодарам.“

    13415439_10204627998618878_5627302465122700083_o

    Главен мотив на вашите слики е жената. Колку женскиот лик се провлекува како мотив на плочите?

    „Жената е главен мотив на моите слики, таа насекаде се провлекува, понекогаш и во друг облик бидејќи се работи за апстрактна уметност. Таа е мојата инспирација (самата јас), туѓи емоции кои ги пренесувам насекаде, цели приказни. Моменти ваши, мои, среќни, тажни. Јас сето тоа го пренесувам преку себе на платно, на плочи, на стакло, на керамика. Тоа е инспирација која доаѓа секојдневно. Опкружена сум со пријателки, другарки, сестри, мајки коишто секојдневно ме инспирираат. Тие се постојано околу мене и нивните емоции живеат во моите дела. Но најзастапен лик сум самата јас и моите емоции.“

    Сликате со прсти, разлевате бои… Колку е тешко со ваква техника на плоча да се добие тоа што сте го замислиле во главата?

    „Ја сум перфекционист по природа и сакам сè да излезе како што ќе замислам. Голем е предизвикот кога ќе се разлеат боите да се дојде до посакуваната цел, да се добие слика од којашто најпрво јас ќе бидам исполнета. Понекогаш е тешко бидејќи се работи за водена техника која бара прецизност, барем за тоа што јас сакам да го постигнам, а тоа е да создадам ликови и разни фигури, посебно на помали површини како плочи, мали платна, стаклото. Ама, тоа ме мами секојдневно да учам и да се трудам. Така го добивам тоа што сум го замислила.“

    14859815_10205411501325956_6795572184980267293_o

    Колку време ви е потребно да создадете едно мало уметничко ремек дело на плоча? Од што зависи повеќе времетраењето – од инспирацијата или од желбата за совршено дело?

    „Од инспирацијата, дефинитивно. Многу ми е важен моментот дали делото прво ќе ме исполни мене и дали е тоа она што сум сакала да го постигнам. Времетраењето е индивидуално. Некои дела се создаваат за еден час, некои, пак, ги тргам на страна и ги доработувам по некој период. Е тие се тие дела коишто емоционално ме исцрпуваат. Не е важно дали е големо платно или плоча.“

    По пролетната изложба (главно) на слики, овој пат ќе правите изложба исклучиво на плочи… Каде и кога ќе се случува, каков е концептот и колку плочи ќе бидат изложени?

    „Изложбата ќе се случува во кафе бар Винил. Отворањето ќе биде на 4 декември. Се работи за изложување слики на грамофонски плочи. Ќе бидат претставени 40 дела кои носат имиња на песни што мене ме инспирирале години наназад. Оттаму и името на изложбата „Патување низ времето“. Мислам дека ова ќе биде малку поинаква изложба, така ја имам замислено јас. Ќе трае до 8 декември, а љубителите на уметноста ќе може да ги погледнат оштетените винилки живи, во форма на слика. И да, ако некој сака, ќе може да си купи плоча.“

    15027434_10205514629184088_2691958696701302798_n

    Какви се реакциите на колегите, ама и на луѓето кои ги гледаат вашите фотографии со плочи или оние што поседуваат ваша плоча?

    „Засега добивам позитивни реакции од колегите, дури ми нудат и помош и јас сум им благодарна за тоа. Има и негативни критики, ама и тие критики ги прифаќам. Не може секому да му се допаѓам. Луѓето кои поседуваат мои грамофонски плочи љубоморно си ги чуваат, па не ги даваат ни да ги изложам.“

    Секој уметник сака да остави личен печат со својата работа. Кој е вашиот?

    „Јас го оставив својот печат со разлевањето и со прстите. По тоа ме препознаваат. И тоа е сосема доволно.“

    15086231_10205519349262087_423930395_n

    Вие сте можеби единствената мајка што ги „креирала“ тетоважите на своите синови… Колку се тие горди на вас, а и вие на нив?

    „Најверојатно сум единствената, да. Тоа се единствените мажи на кои не знам да им кажам НE. Носат мои слики на себе и сигурна сум дека се горди на мене. А и мене секојдневно ме прават горда мајка. Тие се прекрасни момци и заслужуваат да добијат сè што ќе побараат од мене, од едноставна причина што знаат да ми возвратат.“

    Иако изложбата е во фаза на подготовка, мора да прашам, кој е следниот предизвик?

    „Има многу предизвици што би сакала да ги исполнам. Следниот предизвик е изложба која ќе трае подолг период и на неа би се изложувале дела на кои ќе се работи во самиот простор, каде и да е тоа. Би сакала посетителите да имаат можност да видат како ги работам делата. Би сакала да им се претставам во секојдневна работна атмосфера, да можат тоа да го видат и одблизу. Сигурна сум дека тоа ќе го направам наскоро.“

    13413174_10204627998498875_8849281555282110169_n 15036316_10205494850689638_2504586322038623235_n

    Подготви: Андријана Јовановска

    При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.