ИНТЕРВЈУ Марија Кочевска „Жената има доза на сексапил и убавина со облини“

0

Марија Кочевска е девојка која го обожава спортот, која е максимално посветена на тоа и веќе 6 години наназад го пренесува своето знаење и искуство на сите жени кои сакаат да живеат здраво и да изгледаат убаво. Успешно ја води приказната наречена „60 минути“, а повеќе за тоа и за неа како личност од следното интервју.

Марија, како почна приказната наречена „60 минути“?

Како и секогаш во животот што се случуваат најубавите ситуации, сосема случајно. Пред 6 години прв пат по долго време започнав со редовни тренинзи во теретана. Се заљубив во вежбањето и во мојата нова навика која самата си ја наметнав. Започнав со тренинзи кои тогаш одговараа на мојата физичка подготвеност – сосема низок интензитет – 4 тренинзи неделно и комбинација на поделба на 2 мускулни партии со 30-минутно кардио. Тогаш тоа беше сосема доволно со оглед на тоа што првичната цел ми беше слабеење. Постепено го зголемував интензитетот, а килограмите се намалуваа.

Ослабев точно 27 килограми по 1 година редовно вежбање и редуцирана – точно одбрана исхрана. Оттука дојде и мотивацијата да го пренесам своето знаење и искуство на оние на кои тоа им е потребно.

Во периодот кога вежбав на друга локација бев речиси и единствено девојче, една од најупорните кои не знаеше за доста кога ќе влезеше во теретана. Претпоставував дека нема други девојки како мене токму поради срамот, неудобноста и резервираноста спрема мажите. Затоа 60 Минути постои веќе 4 години и е само за жени.

Зошто 60 минути, кој беше „кумот“?

Интересно прашање. Околу името се мислеше многу. Во списокот беа VO2max, Style итн. односно сите латинични и американизирани имиња што нè поврзуваа со вежбање. Едно и единствено беше кирилично и асоцираше на тренинзи и притоа не изгледаше катастрофално како што секогаш нашиот превод знае да го уништи значењето на најфините американски зборови – „60 минути“. Одлучивме да биде со македонски печат затоа што е сега и тука, а значењето е повеќе од јасно – кај нас тренинзите траат 60 Минути. Во случајов имаме 2 кумa – јас и брат ми Александар.

2

Кој го сочинува тимот на „60 минути“ и како изгледа програмата, што сè вклучува?

Во тимот сите сме млади, амбициозни и позитивни. Нашиот тим се состои од 8 инструкторки за најразлични спортови – аеробик, фитнес, пилатес, фит латино и стомачен танц. Работиме со полн капацитет и драго ми е што можам да се пофалам дека имаме членки кои од самиот старт се со нас и после толку време сè уште заедно ги постигнуваме поставените цели и стекнуваме нови подобри и поздрави навики.

Марија, според Вашето досегашно искуство, за што се интересираат најмногу жените, односно девојките… Дали приоритет им е здравиот начин на живот или пак намалување на килограмите?

Досегашното искуство покажало дека најчесто жените започнуваат со вежбање со идеја да го намалат вишокот килограми, но сепак има и дами кои се во позрели години кои имаат поголемо искуство и за нив вежбањето претставува здрав начин на живот бидејќи го почувствувале бенефитот од вежбањето. Се надевам дека сè почесто дамите ќе го практикуваат вежбањето како здрав начин на живот бидејќи вежбањето прави да се чувствуваме убаво и исполнето и нормално, нè подмладува.

7

Која е идеалната комбинација за да се постигне максималниот ефект на она ‘во здраво тело здрав дух’?

Во идеалната комбинација за ефектот во здраво тело здрав дух, сметам дека не придонесува само вежбањето. Треба да се посветиме на себе на секое поле кое нè исполнува, да внимаваме на своето здравје, на здравиот начин на живот во кој спаѓаат многу компоненти. Покрај секојдневните работни обврски понекогаш ја забораваме природата, квалитетната храна, квалитетниот сон, посетата на театар, долгите прошетки и кога ќе ги вметнеме почесто во нашето секојдневие овие навики, мислам дека ќе го постигнеме ефектот во здраво тело здрав дух.

5

Пред две години актуелна беше кампањата „Виножито“ за која се зборуваше многу. Кажете ни повеќе за идејата околу целата кампања?

Кампањата „Виножито“ беше реализирана со желба да се поттикне жената на поквалитетен, поздрав и поисполнет живот. Ние како претставнички од 60 Минути го направивме проектот уникатен и можам да кажам дека беше доста успешен. Како и секогаш тука сме да ја потсетиме секоја дама дека не е само студентка, мајка или жена која ќе биде посветена само на семејните и на секојдневните обврски, туку дека е исто толку битно да се посвети на сопственото здравје и благосостојба и постојано да работи на себе во секој поглед. Како клучна точка за постигнување совршен баланс е вежбањето како една од најбитните ставки од тие секојдневни обврски.

Дали има нови проекти во најава?

Оваа сезона следуваат многу изненадувања. Како и секогаш сме поразлични и секако со тек на годините како што растеме така растат и нашите следни проекти и истите се во соработка со посериозни компании кои ја поддржуваат нашата иницијатива за подобар и поздрав живот.

Оваа сезона започнавме соработка со најдобриот Скијачки центар – Заре Лазаревски и подготвивме неколку интересни проекти кои веќе почнуваат да се реализираат. Во тек е викенд програмата за ултра брзо слабеење SLIM FIT WEEKEND (04-06 Ноември), која веќе е објавена, а наскоро ќе започне и SKI PRO програмата која е ексклузивна и за прв пат ќе се случи оваа сезона само за вежбачките на 60 Минути. Овој вид на проекти не се случајност, сите што имаат поголемо познавање во спортот знаат дека врвните резултати се постигнуваат со тренинзи на повисоки планински места, па и професионалните спортисти за подобрување на својот капацитет се носат во карантин на планина. Како и секогаш, го мислиме најдоброто за своите клиентки и користиме најдобри и најефикасни методи за постигнување совршени резултати. Наскоро следува и нов проект како одбележување на “Stay Wild” сезоната – во соработка со најдобрата македонска модна креаторка Ивана Кнез.

3

Марија како изгледаше Вашиот живот пред да се случи 60 Минути, како се ‘заразивте’ со вежбањето, дали се случи одеднаш или пак постепено, како што ги осознававте позитивните придобивки од спортувањето?

Пред 60 Минути бев фокусирана на факултетот и на тековните студентски и работни обврски. И покрај тоа што имав многу повеќе слободно време отколку денес, не го користев максимално за спортски активности и сега ми е многу жал. Да го имав тоа време во моментов многу поконструктивно ќе го организирав. Од денешен аспект можам да кажам дека сум среќна што во одредениот период од 1 година вложив труд и се фокусирав на својот личен резултат и истата цел ја остварив. Оттогаш се заразив со вежбање и сега веќе не можам да замислам ниту една недела без физичка активност.

6

Која е Вашата омилена програма за вежбање?

Немам таква. Сè што е поврзано со апсолутно потење ми е омилено. Претходно вежбав фитнес сама, а од кога се отвори 60 Минути 1 продолжив со пилатес со Маја Талевска, аеробик со Вера Чолаковска, кик бокс со Далибор и Милан, па едно време вежбав напоредно сè. Во моментов вежбам со Ивана Лембовска – инструктор за фитнес и индивидуални тренинзи во 60 Минути. Сè што Ивана ќе смисли мене мора да ми биде омилено, а не е воопшто забавно и лесно. Но уживам во секој момент и резултатите сами си доаѓаат.  Не бев и не сум оптоварена со желба за стомачни и мажествени мускули, напротив сметам дека жената има доза на сексапил и убавина со облини така што вежбам за да се чувствувам убаво, расположено, да го одржам својот постигнат резултат и да го подобрам својот фокус и концентрација.

1

 

Што им препорачувате на девојките кои сè уште се мислат дали да почнат да вежбаат?

Доста со какви било оправдувања. 60 минути се сосема доволно 3 пати во неделата секој да одвои за себе, за своето здравје, за своето расположение, за исфрлање на негативната енергија и да започне со физичка активност. Секоја една жена која мисли дека по завршување на своите работни обврски е преморена за вежбање, ја боли главата, вратот, грбот и слично, ѝ предлагам да дојде на тренинг и да види како ќе се чувствува по 1 месец редовно практикување на спортска активност. Резултатот не се опишува со зборови, болката ќе исчезне од секој дел од телото, а на нејзиното лице нормално ќе има насмевка бидејќи конечно одвоила време за себе, а се чуствува прекрасно.

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.