ИНТЕРВЈУ: Викторија Лоба „Јас сум интровертна личност со екстровертна професија“

0

Девојка со словенска убавина и глас кој освојува – Викторија Лоба во интервју за Hybread.mk зборува за својот живот како дете во руски Танганрог, преселбата во Македонија, кариерата и идните планови во однос на музиката.

H:Викторија, дали Ви недостига родното место, колку често го посетувате Танганрог?

Заради обврските, Танганрог не го посетувам доволно често во последно време, меѓутоа кога одам таму се навраќам на детството, бидејќи до прво одделение живеев и учев таму, а од второ одделение живеам во Македонија, во Скопје. Имам семејство таму и секогаш ми е убаво да се враќам. Срце полно емоции имам за тоа место кое што се наоѓа на Црно Море, градот на Чехов, основоположникот на драмата во светот. Танганрог е град богат со културни манифестации, светол и убав град. Го посетувам најчесто во лето на две недели бидејќи толку ми дозволува слободното време. Јас сум личност заљубена во својата работа и не можам да бидам долго без пеењето(се смее). 

H: Какво детство имавте, кои Ви се најдрагите спомени?

Имав навистина безгрижно детство. Ги правев сите оние работи кои децата ги обожаваат во тој период, возење велосипед, играње криенка со другарчињата надвор, а голема предност ми беше тоа што бев до море, па уште една активност во која уживав беше бањањето во морето. Тоа беше време кога немаше социјални мрежи, така што можевме вистински да уживаме во детските денови. Така беше и кога се доселив во Скопје. Многу брзо стекнав пријатели тука. Децата многу лесно склопуваат пријателства, така што немаше време кога се чувствував како странец, осамена. Имав среќа да учам во добар клас каде што многу убаво бев прифатена. 

 

H: Во јавноста имаше реакции за Вашето државјанство, кое по редовна процедура, минатиот месец беше ставено на дневен ред на владина седница. Да го објасниме подетално ова?

Имав чест да бидам известена дека на владината седница стигна моето барање за добивање на државјанство на Р.М. и било одлучено да го добијам Македонското државјанство, тоа е регуларна процедура каде после 20 години живеење и 10 години творење музика конечно добив конкретен статус во нашата држва што за мене е од големо значење и посебна гордост.

H: Рековте дека си дозволувате себеси по две недели одмор, бидејќи не можете да издржите долго без пеењето. Кога ја испеавте првата нота, како се случи љубовта кон пеењето?

Од многу мала ги „замарав“ сите околу мене со пеење (се смее). Се сеќавам ја пеев „Мy heart will go on“ на сите околу мене. Интересно е тоа што имав желба за пеење, но не ми беше ни на крај памет дека тоа ќе ми прерасне во професија. Знаете, најубаво е да го работите тоа за кое што имате вистинска страст и талент, а јас имав среќа мојата страст кон музика да се реализира во една убава приказна, во добра професија која што ми донесе многу предности во животот.

H: Со оглед на тоа дека веќе имате искуство во глума, дали амбицијата Ве носи чекор понатаму, на филмското платно, можеби?

На 17 години глумев во „Лолита“ во Драмскиот театар заедно со Александар Микиќ, Сашо Тасевски и многу други глумци.  Тоа е одличен предизвик, така што доколку би добила понуда за филм, ако ми се допаѓа сценариото сигурно би прифатила. Јас сум личност која што сака да им се „меша“ во идеите со режисерите, најчесто и го правам тоа кога сме на сет, кога ги снимаме моите спотови. Им давам предлози бидејќи сакам да оставам некој свој печат. Верувам дека ќе ми простат (се смее). Знаат дека сум таков карактер кој сака да има мала доза контрола на одреден дел од работите. Инаку, досега имам снимено многу реклами и спотови што значи дека имам искуство и во тој поглед.

H: Во септември 2017 година беше промовиран видеоспотот за песната „Дојди“ кој патем помина одлично. Што е следно? На што работите сега?

Наскоро ќе издадам песна, дует со Тајзи, со трап примеси – доста модерно и ново на нашата сцена, ќе имаме и видео запис за таа песна, потоа следи и друга моја песна за која исто така ќе снимиме видео запис. Годинава го довршуваме мојот албум. На најголем дел од композициите се потпишува Роберт Билбилов, а имаме соработка и со  Марга Сол – македонската продуцентка со светска кариера. Мислам дека ќе биде добро прифатен, воочувам дека ние одлично напредуваме со вкусовите за музика што многу ме радува.

H: Во кој стил ќе биде албумот? И која е Вашата најдрага (авторска) песна?

Ќе биде модерен, поп-хаус future хаус, ќе има повеќе примеси на различни стилови, меѓутоа сите ќе го содржат мојот печат,  бидејќи композиторите ги прават песните со намена, конкретно за мене, каде што јас ќе сакам да раскажам своја приказна. Всушност, во слободно време, сакам да слушам прогресив хаус, future хаус, трап, така што логично е да биде застапен овој стил во моите песни. Што се однесува до текстовите, нив сама ги пишувам. Повеќето песни се со мој текст, со моја приказна. Важно е да напоменам дека ќе има и англиска верзија на песните.

За сега, најдрага авторска песна ми е – „Над небото“, инспирација од италијанскиот филм „Три метри над небото“, каде музиката сама си го донесе текстот, многу лесно го напишав. Се работи за вистинска љубовна приказна, диско песна, со многу емоции. Луѓето веруваат дека само преку баладите може да се искаже таа љубовна, нежна емоција, но јас мислам дека и преку современата музика и брзиот ритам како и современите звуци може да се пренесе истата енергија. Планиран е видео запис, но јас нема да бидам главната ѕвезда, овојпат ќе има вљубен пар. Тоа беше моја идеја, а режисерите, на моја среќа прифатија(се смее). 

H: Сигурно нашите читатели ќе ги интересира како го одржувате изгледот, што појадувате и како го почнувате денот?

Денот го почнувам со тоа што правам смути од протеини, банана, замрзнато овошје и малку млеко – појадок кој ме држи сита. Сакам да внесувам протеини бидејќи многу добро влијаат на мојот метаболизам. Исто така обожавам зелена салата, понекогаш (дури и за вечера) ми е доволна во комбинација со домат и краставица. Многу спортувам, сакам да џогирам, сакам да се искачувам на планини, а во зима сакам да скијам. Сметам дека секоја девојка за да изгледа убаво, прво треба да се сака себеси, но и да се грижи за внатрешната убавина. Треба да се најде баланс, во однос на грижа за своето тело. Спортот, во комбинација со правилна исхрана, добро расположение го дава идеалниот баланс. Знаете како велат – најубавите луѓе се оние најсреќните.

H: Како и секој возрасен човек, сигурно и Вие имате многу обврски во текот на денот. Па токму затоа, следното прашање ми е, кој дел од денот го сакате најмногу, кога сте најрелаксирани?

Точно така, по сите обврски кои ги имам преку ден, тогаш наоѓам време да уживам во домашна атмосфера, да испијам чај со најблиските, муабет или мала дремка(се смее) . Љубител сум на пишаниот збор, така што сакам да прочитам и некоја книга, а во вечерните часови одам на фитнес, пилатес или што и друго да ми е на спортската агенда.

H: Каде најчесто можеме да ја сретнеме Викторија?

Како што кажав претходно, слободното време најчесто го поминувам дома и често знаам да кажам дека сум интровертна личност со екстровертна професија. Сакам да ги наполнам батериите кога сум сама. Инаку, ако не сум дома, немам некое специјално место каде што може да ме сретнат често. Сакам да бидам секаде каде што ми е убаво. Си го сакам градот во кој живеам.

H: Љубител сте на уметноста, дали има некое уметничко дело на кое посебно му се воодушевувате?

Последно дело кое ме воодушеви е Венера од Маркесини, италијански сликар од модерното време. 

H: Има некоја личност на кој и се восхитувате во моментов,  а е од вашата професија?

Моментално многу ми се допаѓа Дуа Липа, девојка со многу специфичен – совршен глас по мој вкус, посебно ми се допаѓа една нејзина песна, меѓу последните „New Rules“ која носи убава порака до нас девојките – за тоа дека треба да се вреднуваме себеси.

H: Додека сме на тема музика, сметате ли дека постои пријателство на музичката сцена кај нас? 

Да, има. Јас и моите колеги сме доказ за тоа. Сите колеги ги сакам и со сите се дружам, Роберт ми е како брат, тој ми е најблизок, Димитар Андоновски, Елена Ристевска, Тамара, Влатко Лозановски…Убаво е тоа што се дружиме и треба да ги остваруваме нашите идеи заедно, да си помагаме едни на други. Тоа е убав начин да им покажеме на сите други дека треба да се поддржуваме меѓу себе.

H: Од пријателство се префрламе на љубов. Како треба да изгледа вистинската љубов, што треба да поседува човекот кој ќе го освои Вашето срце? 

Љубовта мора да биде без резерва. Тој што ќе ме држи за рака цел живот, прво треба да биде добродушен. Маж кој е злобен и лош никогаш не може да дојде до мене. Добродушноста ја ценам кај било кој човек, посебено кај партнерот. Емоционална интелигенција, стабилност, поддршка, разбирање, почит… Сите работи потребни за љубов и успешна врска односно, здрава врска.

H: За крај, дали имате мисла која Ве движи напред, можеби тоа би била и пораката до нашите читатели?

Да заборават на сите негативности, да се фокусираат само на доброто. Бидејќи проблемите се случуваат многу често во нашите животи и најчесто не зависат од нас самите. Многу е важно како ние го доживуваме проблемот- ако го доживуваме со негативна енергија ќе го направиме проблемот уште поголем но, секој проблем има и добра страна, за секој проблем има решение и тоа е вистинскиот начин на размислување, така, ќе ги пребродиме сите негативности, сите проблеми. Само на тој начин ќе допреме подлабоко до суштината на животот и ќе бидеме во можност да создадеме подобро општество за живеење.

Интервјуто е направено во хотел Влахо.

Фото: Приватна архива и Хибрид Медиа

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.