ИНТЕРВЈУ Соња и Сања Божиновски – Aдвокатска канцеларија SBS, Скопје

0

Две млади и амбициозни адвокатки кои со својот ентузијазам, упорност, храброст, независност, самостојност, слобода на став, мислење и професионалност, успешно прават спој помеѓу македонското и европското право.  Пријатниот амбиент во адвокатската канцеларија Соња и Сања Божиновски од Скопје, Ви дава чувство на строга согласност со етичките стандарди, постојана посветеност и емпатија со клиентот. Разговаравме на теми како адвокатскиот живот, меѓународната перспектива и изворот на животната енергија.

Што е потребно за успех во работата и во животот?

Во текот на животот и досегашното искуство во определувањето на животните цели се водиме од навидум едноставни, но главни смерници кои можеме да ги издвоиме – упорноста, чесноста и страста. Денес, водиме еден динамичен живот, кој е карактеристичен за современото општество, меѓутоа и во вакви услови стоиме цврсто зад своите вредности кои ветуваат само успех. Секоја фаза во животот носи нови предизвици и нови одлуки. Од нас зависи колку сме подготвени и истрајни во своите животни цели.

 

Вашата прва љубов е медицината, како се најдовте пред нов предизвик за да донесете одлука која ќе ја промени личната определба во идната професија?

Соња: Хуманоста и желбата да помагам и денес се исто присутни како и во моите средношколски денови, секако од друг агол, ние денес решаваме проблеми од реалните животни ситуации даваме правна заштита и сигурност на нашите клиенти.

Сања: Можеби во определувањето за средно медицинско училиште имаа влијание нашите родители, но истовремено во текот на тоа образование се наметнуваа прашања и одговори за нашата идна определба за професијата. Иако постои голема разлика помеѓу овие две области медицината и правото, сепак денес често пати се испреплетуваат со оглед дека работиме во правни проблематики поврзани со медицината. Така на пример, ги застапуваме интересите на голем дел од фармацевските компании во Македонија, учествуваме во преземањето правни дејства за основање на болници и други здравствени организации, како и даваме стручна помош при учество на тендери за медицински набавки.

Впрочем, вие денес работите во сопствена адвокатска канцеларија брендирана под логото SBS и оставате еден оригинален впечаток за остварена цел на две млади и амбициозни адвокатки кои со својот ентузијазам, упорност, храброст, независност, самостојност и слобода на став и мислење, успешно правите спој помеѓу македонското и европското право и ги поставувате своите темели во правните знаења и способности и владееење на правото. Како се справувате со толкава голема одговорност?

Соња: Секако, улогата адвокат импресионира во секоја смисла, пред сè вложуваме максимум интелектуални сили, правни знаења и способности, интерес и вештини како и приспособување на ненадејни ситуации во суд и други институции, тешка е борбата да се утврди секогаш вистината. Правото е состојба на сеопфатно знаење кое составено од мудрост и динамика на некоја состојба до конечна цел. Од тука, произлегува потребата од потрага по дополнително знаење, сè со цел да се дојде до потполна состојба, односно реализација. Адвокатот е рамнотежа помеѓу граѓанинот и судството, заштита на правото, а во крајна цел и заштита на граѓанинот.

Сања: Добрите адвокати секогаш импонираат со добри особини на вредност, одлучност и одговорност. Во текот на нашето 10-годишно искуство работевме во различни адвокатски канцеларии, се стремевме да го прошириме своето знаење не само во рамките на нашата држава, работиме со странски компании, соработуваме со адвокатски канецелари од Балканот и Европа меѓу кој морам да ги издвојам Адвокатската канцеларија Domen Neffat од Љубљана Р. Словенија, Горан Шверко од Загреб, Р. Хрватска и Martinez Echevaria Marbella, Шпанија.

Што е највозбудливо, а што најризично во Вашата професија со оглед дека сте адвокати кои успешно ги прилагодувате Вашите карактери?

Соња: Можам да издвојам повеќе елементи со кои ќе ја карактеризирам оваа професија како возбудлива, пред сè имаме една истражувачка дејност, можност за докажување и стекнуваме авторитет со оглед на одговорноста и успехот. Во поглед на стручното застапување пред Судија, многу интересно, но и ризично кога имате спротивна страна остроумен адвокат со кој треба да дебатирате, докажувате и да истакнете посебно знаење, вештина и мудрост во постигнувањето на целта, секако да го убедите судот кој е во право.

Сања: За мене е доста интересна ситуацијата кога Соња и јас ќе се појавиме во судница, но од спротивни страни, секако кога законот тоа го дозволува… реакциите се многу позитивни и најчесто постапките завршуваат со спогодба. Што да ви кажам, самиот збор ситуации, укажува на некакво сторување или несторување, правиме да ги нема. Знаете, проблемите постојат за да ги решаваме, се трудиме клиентите да добијат правилен и објективен совет.

Потрагата по сеопфатно знаење ве одведе во Љубљана – Република Словенија. Како дојдовте до идеја да се запишете на Постдипломски студии на Правниот Факултет во Љубљана, а потоа и да основате „Правна Асоцијација Alfa“ (Adrijatic Law Firms Asociation)?

Соња: Во текот на работењето како адвокати во Скопје се соочуваме со традиционален начин на работа и ограничувања во рамките на стекнување знаење и искуство… мислам на потребата на правни стручни советувања, организирање на едно повисоко ниво на работа и комуникација на адвокатите со останатите учесници во правниот систем, судии, јавни обвинители, нотари и извршители, сè со цел да ја подобриме положбата и угледот кој треба да придонесе до поефикасно вршење на нашата функција, а во интерес на нашите граѓани.

Со задоволство може да кажам дека искуството кое го имаме и желбата да се докажување надвор од границите на Р. Македонија, придонесе да донесеме одлука да се запишеме на Правниот факултет во Љубљана за да се стекнеме со поголемо знаење, искуство и нови пријатели. Идејата за  основање на Правна Асоцијација Alfa (Adriatic Law Firms Asociation) настана спонтано, по добра соработка и желба за идна соработка со нашиот драг колега Домен Нефат од Љубљана.

Оваа асоцијација има пред сè добар тим од адвокати и соработници, каде правните услуги и заштитата на интересите на клиентите се со највисок степен на професионалност и разбирање на клиентот во изнаоѓање на совршено решение. Нашата работа ќе се однесува на следните области: корпоративно право, во сите форми на компании, подружници и гранки, бизнис, јавно претпријатие, начела на јавни набавки и процедури, постапки за изготвување на тендерски документации, како и широк опсег и знаење во законски постапки за лекови (преглед на најповолна понуда), управување со отпад и животна средина, градежништво, осигурување, патентни барања, банкарско работење итн.

Сања: Имено, сметаме дека на ваков начин на соработка ќе придонесеме да бидеме поисполнителни во правните услуги како во Македонија, така и на целиот Балкан.

 

Како изгледа Вашето слободно време, каде е изворот на Вашата животна енергија?

Соња:  После напорен работен ден потребен ми е одмор барем 2 часа, секако обожавам слободното време да го поминам со најблиските со вкусна храна… 🙂 Позитивната енергија доаѓа од прошетките во природа, патувањата и дружење со драги и весели  луѓе.

Сања: Секако дека имаме (малку) слободно време, обожавам да прочитам добра книга или да го испланирам викендот да го поминам на чист воздух во планина или на море. Ќе ја издвојам Шпанија како посебно драга дестинација, која често ја посетуваме.

http://www.bozinovskilaw.mk

Фотографија: Hybread.mk

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот