ИНТЕРВЈУ со психологот Дора Попова – Узуновски на тема „Партнерски односи и релации“

0

Меѓусебните односи се едни од најкомплицираните теми за кои постојано се дискутира. Најчесто, тоа е меѓу засегнатите страни. Но, тоа што луѓет го забораваат, посебно кај нас, е дека постои експерт за секоја област кој може да помогне.

Токму затоа, разговараме со Дора Попова Узуновски, психолог, м-р по клиничка и советодавна психологија, гешталт советник и социотерапевт.

Што се тоа партнерски односи и релации, со наједноставен опис?

Под партнерски однос или релација вообичаено се подразбира љубовна врска меѓу двајца која може да биде од хетеросексуална или хомосексуална природа. Но, се разбира дека партнерските релации може да бидат и во друг контекст, на пример во деловен или во пријателски. Тогаш обично тоа е нагласено. Под релација или однос се подразбира и самата содржина која е целина од чувства, мисли, идеи, ставови итн.

Каков е ставот на луѓето кај нас по однос на оваа тема, дали сакаат да си помогнат себеси, ако воочат дека има проблем?

Партнерските релации, да бидам искрена во нивната суштина се комплицирани, исто толку колку е што комплицирана и човечката природа. Кога станува збор за проблемите во односите, сите знаеме дека тие се неминовни. Прво, секој од двајцата партнери во врската влегува со своите педесет проценти. Во тие педесет проценти постојат очекувања, надежи, идеи, мисли, чувства, ставови итн.  Воглавно проблемите настануваат кога не се исполнети взаемните очекувања и идеи на партнерите. И точно во тој момент на површина излегува взаемната (не)зрелост и (не)подготвеност за прифаќање на работите онакви какви што се. Колку подолго личноста ќе го носи во себе незадоволството од неисполнетите очекувања, толку подолго тоа ќе се рефлектира во сите други сфери во релацијата и на тој начин ќе се јавуваат бројни проблеми. Од друга страна, секој проблем е знак за тоа дека партнерите се наоѓаат пред некаква промена, без разлика дали станува збор за позитивна или негативна промена, помала или поголема. Секој проблем во себе носи  потенцијал. И токму тука е предизвикот. За да го решиме проблемот, потребно е да го пронајдеме неговиот корен, а кога ќе го пронајдеме, промената може да започне од таму, но прифаќањето и соочувањето со промените не е лесно. Секоја промена нѐ води во непознатото. Секое кажано “да“ зад себе носи и едно “не“. Тоа значи дека за да се роди нешто ново, старото треба да изумре. Голем дел од луѓето одлучуваат животот да го поминат во магичниот круг на конфликтот кој го раѓа одреден проблем. Затоа, морам да признаам дека е помал процентот на луѓе кои одлучуваат да си помогнат, токму поради стравот од промени, бидејќи никогаш не не се знае каде може да не одведе одредена промена.

Како треба да изгледа една здрава врска, која почнала благодарение на љубов?

Сите врски почнуваат со заљубеност, која е само почетна фаза на љубовта. Во таа фаза одговорноста е сведена на минимум, светот се гледа низ розеви очила, возбудата и страста се на високо ниво, партнерите се во конфлуенција, се препознаваат еден во друг и умот воопшто не е вклучен. Но, кога поминува фазата на заљубеност, се чини дека сѐ некако доаѓа на свое место. Секој од партнерите се враќа во своите граници и во својот простор. На виделина излегуваат сите недостатоци и тогаш почнува вистинскиот предизвик. Затоа за да имаме здрава врска, пред се потребно е личностите кои ја прават врската да бидат здрави и подготвени за љубовта. Тоа значи да имаат развиено праг на толеранција на фрустрација, способност за прифаќање на различностите кај партнерот, способност за прифаќање на неговите/нејзините потреби и желби, да се биде осетлив на туѓите граници и пред сѐ, да се дава, бидејќи љубовта е се, само не е себична и само преку љубовта човекот може да порасне.

Дали постои универзален тип на љубов кој гарантира успех?

Љубовта не можеме да ја ставиме во концепт. Луѓето што ја чувствуваат вистинската љубов, не можат ни да ја опишат.  Низ вековите, до ден денес таа е главната инспирација на сите уметници, но сепак од неа само трошки се доловени. Еден од просветлените учители Ошо, вели дека кога повеќе би се живеела љубовта, помалку би се пишувало за неа и помалку би се зборувало, бидејќи оние кои ја живеат, едноставно не зборуваат. Нема што да кажат за неа. Тие едноставно ја живеат.

Во сабота ќе се одржи работилница на оваа тема „Гешталтистичка работилница на тема: Партнерски односи и релации “. Какви прашања ќе бидат отворени и што е поважно, какви реакции очекувате од присутните?

Дефинитивно ќе бидат отворени повеќе прашања. Прво, за тоа што во основа е љубовта и што значи свесно да се сака, ќе се отвори темата за неверството, за тоа каква била љубовта во минатото, а каква е денес, за осетливоста на границите на партнерот-ова прашање сметам дека е особено важно, потоа за тоа како луѓето себеси се спречуваат да сакаат и да стапуваат во врски итн. На присуните мислам дека ќе им биде интересно, бидејќи темата сама по себе предизвикува љубопитство. Исто така очекувам да има интеракција и широоооока дискусија.

Дора, зошто токму за оваа тема се одлучивте да биде работилницата?

Темата за љубовта била, е и ќе остане безвременска. Таа е универзална инспирација и главна поента на човековото живеење. Втората причина поради која се одлучив е тоа што сметам дека кај луѓето треба повеќе да се разбуди свесноста за тоа што е зрелата љубов.  И на крај се разбира, за тоа дека човекот се што прави во животот, прави заради едно: да биде сакан и да ја освои љубовта. Таа е мотивација која никогаш не умира.

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.