ИНТЕРВЈУ со Драган Таневски: „Ако ги бараш вистинските луѓе, барај ги меѓу повредените “

0

Ако имате Facebook профил, нема шанса да не го знаете Драган Таневски, писател кој со своите постови растреперува многу луѓе. Кога го исконтактирав за интервју, ме замоли прашањата да бидат вонсериски и откачени.  Размислував долго што би било вонсериско прашање. Се одлучив да не го прашувам за неговите објавени книги, што пишува таму, за кого се наменети, како го поминува слободното време. Разговаравме за навидум обичните нешта, но кои се цела една филозофија на постоењето. И бидејќи ова е вонсериско интервју, ги прекршуваме новинарските правила дека со гостинот треба да сме на вие, затоа што за Драган персирањето ги оддалечува луѓето и е „уштиркано“ . Во време кога искреноста е ретка појава, неговите зборови ќе ви докажат дека има луѓе. Тие сакаат, се надеваат, веруваат, се смеат, плачат, тагуваат… Оти се дел од племето. 🙂

Откога пишувате?

Откако знам за себе.

Зошто?

Зошто рибата плива? Зошто птицата лета?

Што ве инспирира?

Кога човек ги има вклучено сите сензори, инспирација има насекаде. Емотивците се такви… ќе земат зрнце песок меѓу прсти, па му се радуваат.

Секој уметник си има муза. Која е вашата?

Гордана Таневска. Мојата животна сопатничка, љубовничка, другарка и една голема будалетинка како мене.

13702408_1074710915929776_1434836196_o

Ги расплакувате жените по социјалните мрежи со емотивните постови. Но, и ги насмевнувате. Која е тајната? Што е потребно за да се насмее душата на една жена?

Зошто па сега само жените?  Имам огромен број на браќа кои се емотивци и будалетинки како мене. Ќе те корегирам малку – „Ги расплакувате членовите на вашето племе“ – тоа би бил исправниот израз. Нема никакви тајни Маја. Искрени сме едни со други, а тоа е ретко во овој свет. Сме се отвориле целите и сме си ги покажале душите едни на други. Таму е нежно и меко. Малку ќе допреш – потекуваат солзи, ќе скокотнеш – смеа. Така сме создадени, затоа.

Во еден свој пост објавивте „ Брат, не постои совршена жена. Постои само жена совршена баш за тебе “. Каде да се бара совршената жена?

Маја, тоа правило важи и vice-versa. Каде да се бара – сегде кај што има луѓе. Ако ги бараш вистинските луѓе со исправен емотивен апарат – барај ги меѓу повредените, тажните, осамените. Луѓето не се осамуваат без причина. Нешто ги здоболело, им направило ЏИШ и сега вртат километарски круг околу огинче од најобична свеќа. Но еве, се собравме на едно место, си ги споделуваме душите и секој може да види од што сме направени. А, и по мирисот се познаваме. Повредените испуштаат карактеристичен мирис, некој етер, флуид, што ли е не знам. Животните го осеќаат тоа, и еве на пример едно куче сочувствително ќе ти ја мушне муцката во скут и ќе те гледа со тие очиштата сочувствително. Исто е и со емотивците. И тие осеќаат туѓа несреќа и се собираат сакајќи некако да помогнат. Ќе се најдат некако и постојано се наоѓаат. Не ме прашувај како, ама се наоѓаат. Се што треба е да покажат каде ги боли. Да не кријат. Племето ќе реагира. Ќе се најде некој да бубне таму кај што боли.

Ги славите жените, апелирате до мажите дека треба да сакаат, да љубат, да се борат за жените…

Јас сум некој верувач во вистински вредности, и најодговорно тврдам дека ги има во СЕКОЈ од нас. Но, борбата за егзистенција, борбата за престиж и повисоко место во општеството ги ставила вистинските вредности во втор план, и некако ги успала. Но, тие се вградени во човекот од многу моќен извор, од Творецот лично, и не можат да се уништат трајно. Верувам дека постои начин да се разбуди тој џин што може изгубените да ги врати на исправен пат. Да се сака жената е исправен пат. Жената да си го сака мажот е исправен пат. Кажи ми дали има нешто поисправно од тоа?

Сепак, многумина љубовта ја заменуваат со материјални добра. Што би им порачале?

Материјалните добра нека ве гушнат кога ќе ви застуди во душата.

Кои ви се омилени зборови во македонскиот јазик. Зошто?

Јас се клатам помеѓу литературниот и жаргонскиот говор. Тешка борба е тоа, верувај ми. Оние што ме знаат, ми го познаваат секојдневниот речник. Тврдат дека кога ги читаат моите книги, како да ме слушаат да зборам. Еве не знам поинаку. Ги сакам зборовите Будалетинки, Племе, Душа, Срце, Чувства. Тоа сме ние.
13735493_1074711072596427_243930937_n

Која книга посакувавте вие да ја имате напишано?

Тие што ги посакувам, веќе ги напишав. Но, тврдам дека Руми препишувал од мене, иако починал стотици години пред јас да се родам.

 За кого би напишале книга?

За Творецот. Би се викала – прашања до Творецот. И не, нема да биде една книга.

Во вашата биографија метафорично пишува дека сте докторирале филантропија. Колку денеска е тешко да си Човек со големо Ч во време на нечовечност?

Маја, јас не губам вера во Човекот. Творецот не кренал раце од човекот, па кој сум јас да кревам? Знам дека од човекот не зависи колку ќе го сакаат другите. Од човекот зависи колку тој ќе сака. Ако тој апарат кај сите нас проработи, замисли го светот – пробај да замислиш еден таков свет, Маја.

Во што верувате, на што се надевате, за што сонувате?

– Верувам во бесконечност, верувам во причина. Се надевам на правда, ама не човечка.

Ако патувате на пуст остров, што би зеле со вас?

Ако е само едно нешто, ќе си ја земам жена ми. Она ми е доволна за илјада пусти острови, не за еден. Ако смеам уште нешто, би си ги земал и моите будалетинки, па да си направиме остров на љубовта.

13694249_1074710912596443_1570073919_o

Подготви: Маја Кузмановска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.