ИНТЕРВЈУ: Никола Нешкоски -„Нашите планови се насочени кон тоа ,,ЖАБЕЦ“ да се развие како центар кој ќе обезбедува забава и знаење за голем број на деца.“

0

Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски невладини организации добија грантови и поддршка да се трансформираат во социјални претпријатија.

Разговораме со Никола Нешкоски, управител на „Жабец“ – една од десетте организации.

H: Што работи Жабец и која е социјалната компонента на организацискиот модел?

Никола: ,,ЖАБЕЦ“ претставува прв и единствен едукативен центар за деца што ги промовира темите „екологија“ и „заштита на животната средина“. Овие теми ќе служат како база преку која децата учат за разни други реални и модерни теми и ситуации, каде децата ќе бидат главните ликови од кои ќе произлезе позитивна промена, во било која област од секојдневното живеење. Во поглед на социјалната мисија, детскиот едукативен центар ,,Жабец“ се разликува од останатите едукативни центри по тоа што во своето работење предвидува подобрување и унапредување на разни социјални проблеми и предизвици со кои се соочуваат децата во развојот денес. Тоа го правиме преку изучување на теми што ги нема во редовната настава во училиштата, а се од огромна важност за морален, социјален, физички и еколошки развој на децата. Дополнително, 33% од профитот на центарот ќе се насочува кон едукативни активности наменети за деца од ранливи категории (деца без родители, деца на самохрани родители, деца од фамилии кои се наоѓаат во тешка економска ситуација, итн.).

H:  Што сметате дека беше одлучувачко да влезете во победничките 10 организации кои добија грант за развој?

Никола: Цениме дека иновативниот пристап на ,,ЖАБЕЦ“ беше детерминирачи фактор за позитивната одлука за гранотот.. Сепак се работи за прв детски едукативен центар кој изучува еколошки теми и истовремено има социјална мисија, да помага на деца од разни ранливи категории. Но, тука би ги спомнал и неколкумесечните обуки кои му беа овозможени на нашиот тим од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) кој е носител на проектот за развој на социјалното претприемништво со цел подобро планирање на идната работа на „Жабец“.

H:  Во која развојна фаза е  детскиот едукативен центар?

Никола: Ние сме на самиот почеток, во фаза на ран почеток. Веќе формиравме прва група со околу петнаесетина дечиња со кои работиме два пати седмично. Но, веќе имаме планирани активности за наредните две години, вклучувајќи и активности во летниот период.

H:  Како цените дека ќе допринесе вашето социјално претрпијатие на микростопанско и граѓанско ниво?

Никола: Во иднина нашите планови се насочени кон тоа ,,ЖАБЕЦ“ да се развие како центар кој ќе обезбедува забава и знаење за голем број на деца, со што и ќе се отвори потребата од вработување на дополнителен кадар во центарот. Една од идеите е да се обучат млади луѓе од ранливи категории кои ќе работат и помагаат во центарот. Дополнително, со оглед на фактот дека центарот има социјална мисија, очекуваме ова да биде препознаено и од македонските компании, со што ќе ги стимулираме и тие ќе се вклучат во работата на центарот и истата ќе ја помогнат на разни начини.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.