ИНТЕРВЈУ: МОНИКА РИЗОВСКА „ОСТАВАМ ДА МЕ ВОДИ СРЦЕТО И ЕКСПРЕСИЈАТА ШТО ИЗЛЕГУВА“

0

Младата уметница Моника Ризовска ја оддржа својата петта самостојна изложба насловена „Vigorous“ во Concept37. Со над 40 слики со вибрантна, енергична свежина и спокој преку тиркизните и жолти бои, бевме сведоци на одлична дружба исполнета со многу топлина, ведрина и автентичност.

Денеска разговараме со неа на оваа тема.

H: Моника Вашата петта самостојна изложба се нарекува  „Vigorous“ . Зошто?

“Vigorous ” означува интензивност, моќ и енергичност. Дел од сликите беа со внатрешни светла што ноќе даваат амбиентална светлина, а бидејќи колоритот и живоста беа карактерна црта на оваа колекција некако совршено се вклопи.

H: Како сте задоволна од реакциите?  

Изложбата за мене беше уште една одлична дружба и средба со многу драги луѓе што ми значат, а секако, беше и можност да слушнам искрени критики. Со секоја наредна изложба критериумите секогаш растат и до последен момент бев скептик колку навистина е добро сè, но на само пола час изминат од отворањето веќе една третина од изложените дела се продадоа, дојдоа над 200 посетители и собрав одличен инпут за наредната изложба. Секако, за мене најубавиот дел од изложбата е кога ќе слушнам како некој сегмент или слика навраќа и буди емоции, меморија или надеж кај некој и тоа чувство на длабочина и конекција заедно со тоа како финално се вклопува сликата во просторот, не се опишува 🙂

Повеќе за атмосферата од отворањето на изложбата тука, како и на инстаграм профилот и нејзината веб страна.

H: Како се развиваше колекцијата, со кое парче почнавте, а со кое ја завршивте подготвката за изложбата?

Сѐ започна со мали жолти апстракции, а завршив со големи платна со светло син и свеж мотив на океан.

H: Важите за млада уметница, чии дела зрачат со енергија, бои, уникатност јасна ликовна имагинација. Кој е Вашиот коментар на ова, дали Вие се доживувате на тој начин?

Дедо ми знаеше да каже дека добриот уметник остава парче и од своето срце и одсликува дел од душата, па така сакам да верувам дека моите слики зрачат со позитивна енергија. Сакам да изненадувам и пренесувам ведрина. Љубопитна сум и сакам предизвици, ништо чудно што и оттаму сигурно произлегува и мојот активен ангажман на повеќе полиња и постојаната желба за доусовршување.

H: Бројка од 5 последователни самостојни изложби за неколку години е за само за пофални зборови и ништо друго. Си поставувате ли цел или едноставно креирате кога ќе дојде инспирацијата?

Обично творам и можам да се поистоветам со тоа како Микеланџело се чувствувал додека длетал блок од камен: “Видов ангел во мермерот и делкав додека не го ослободам”. Оставам да ме води срцето и експресијата што излегува. Така и се исполнува мојот мозаик. Не бев свесна дека знам да цртам се додека мојата професорка по ликовно ми донесе награда за прво место од натпревар на кој не бев ни свесна дека ме пријавила. Ми требаше неколку пати да погледнам во признанието за да се уверам дека не згрешиле и тогаш за првпат заплакав од среќа. Оттогаш па се до сега целта е иста, да продолжам да го негувам тоа што ми е оставено во наследство – дарбата.

H: Иако штотуку ја поставивте „Vigorous“, дали можеби се навестува следната изложба?  

Спремам големи платна со апсТрактни мотиви и поп арт портрети. Кај апстРактните мотиви преовладуваат нежно розова, златна, сина, зелена, жолта и сива боја, додека кај големите портрети има јаки и живи бои. Дозавршувам и циклус на илустрации кој оддамна го спремам, а е со микс од техники на пастел и акрилни бои.

Оставам отворена покана и се надевам дека ќе ја имам честа да ми бидете пак гости.

 

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот